Само околу 58 % од македонските граѓани сметаат дека влезот во ЕУ ќе донесе корист за земјата и без дилема сакаат земјата да стане дел од унијата, покажува новото истражување на „Галуп“.
Овие бројки покажуваат драматично намалување на поддршката за влез во ЕУ која пред десетина година беше на граница меѓу 80 и 90 проценти.
Во Србија ситуацијата е уште полоша, само 40 % од северните соседи очекуваат подобрување на состојбата по влезот во ЕУ. Слично е и во Црна Гора каде ова бројка е 49 % но затоа огромен број од граѓаните на Албанија и Косово сметаат дека со влез во ЕУ се ќе биде подобро.
Дури 84 % од Косоварите и 80 % од Албанците го мислат тоа и затоа сакаат да влезат во ЕУ. Според Галуп најголем пад на поддршката за влез во ЕУ има во земјите во регионот со поголем БДП а најмал во најсиромашните земји. Албанија и Косово се најсиромашни земји според нивото на приходи по глава на жител, пишуваат аналитичарите на Галуп
Пад на поддршката за ЕУ има и во „словенските земји“ Србија, Црна Гора и Македонија а раст на поддршката има во Албанија и Косово каде што има минимално присуство на словенско малцинство.
Според предходното истражување на Галуп во 2016 година во Србија имало околу 52 % од населението кое што сметало дека Белград треба да продолжи по европските препораки со цел да стане членка на ЕУ.
Тоа значи дека за само една година секој осми Србин се разочарал од ЕУ и веќе Брисел не му е толку привлечен. Сличен е трендот и во другите православни земји на балканот.
Во Јули 2010 година според истражувањето „Евробарометар“ над 75 % од македонските граѓани сметале дека Македонија треба да стане членка на ЕУ. Сега тој број е намален за 17 % или речиси секој шести граѓанин на Македонија го променил својот став за ЕУ како најдобра можна варијатна за иднината на земјата.
Во целиот регион како резултат на зголеменото присуство и руска пропаганда расте поддршката за поголемо зближување на земјите со Руската Федерација, покажува истражувањето на Галуп.




