До кога државата ќе си игра со човечките судбини – ФЗОМ сѐ уште не дал ни денар за лекувањето на Леонид

Државата сѐ уште не го плаќа лекувањето на Леонид Индов во Австрија, а семејството моли за реакција. Фондот за здравствено осигурување е без одлука – дали лекувањето може да продолжи во болницата во Виена. Оттаму испратиле фактура и ако не се платат 140 илјади евра до почетокот на мај, тогаш младото момче ќе мора да се врати во Македонија, вели неговиот татко во разговор за Телма. Бранко Индов претходно поднесе тужба до второстепената Комисија на Фондот за здравствено осигурување за неисплатените средства, но нема никаков одговор.



Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција при што ги повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите. За него во неколку наврати се собираа донации за да може да се извршат потребните операции и да продолжи лекувањето.

Од Фондот за здравствено осигурување во одговор за Телма најавуваат дека следната недела ќе се одржи седница на Второстепената комисија во полн состав. Претходно, било одлучено да се бараат дополнителни понуди за дијафрагмален стимулатор.

Младиот Леонид Индов во моментов е на рехабилитација во Виена, каде што беше транспортиран со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.