„Од одредени политички субјекти сум прозван дека сум основал Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга. Некои пак споменуваат Факултет за медицински науки, а тоа се два различни поими. Нема да навлегувам во причините за ваквите објави, дали се тенденциозни или од незнаење, но оваа информација категорично ја демантирам. Ова е Факултет за здравствени науки, каде ќе има тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори. Потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно.“ – напиша министерот за образование во заминување Јетон Шаќири на својот фејсбук-профил во објава, која ја означува како „демант“, откако од коалицијата Вреди беше нападнат дека му одобрил уште еден факултет на „Универзитетот на Мерко“, „славен по тоа што произведува итни дипломи“ и на кој „половина од сите функционери на ДУИ и членови на семејствата на функционерите на ДУИ си дипломирале преку ноќ“.
„Министерот за образование Јетон Шаќири од ДУИ бил доцент кај Мерко без признаена диплома. Нему над главата му стои спорното именување како доцент во универзитетот на Мерко. Спорна е 2016 година, кога, според биографијата, од 29 ноември 2016 година Јетон Шаќири како доцент е наставник по група предмети од областа на економските науки на Меѓународниот универзитет во Струга. Струшкиот универзитет на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко се поврзуваше со издавање фалсификувани дипломи.“ – има напишано „Фокус“ во своја анализа со наслов „Министерот за образование бил доцент кај Мерко без признаена диплома“, објавена на 10 јули 20022 година.
„Вреди“ во својата реакција нагласи: „Ова е ДУИ, ова се функционерите на ‘Црната листа’ на САД, кај кои криминалот нема граници. Министерот Јетон Шаќири мора да даде отчет пред јавноста и да ги каже сите причини зошто го акредитирал Универзитетот Мерко со Медицински факултет. Министерот Јетон Шаќири мора да докаже дали овој Универзитет има соодветни кабинети за изучување на предметите од медицината, но и потребни академски кадри.“
Наместо конкретно образложение и одговор дали и има и какви услови за одобрените нови студии, Јетон Шаќири напиша на својот фејсбук-профил: „Не може министер да основа високообразовна установа. Тоа е цела постапка во која се вклучени повеќе надлежни институции и органи. Меѓу нив е и Министерството за образование и наука, кое има најмалку надлежности. Основањето факултет во состав на веќе постоен универзитет започнува со иницијатива на самиот универзитет, која најпрво треба да добие позитивно мислење, односно согласност од Владата. Потоа, Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование го акредитира проектот доставен од универзитетот.“
„Натаму следи донесување акти за основање и работа на факултетот од страна на матична комисија при универзитетот. Дури по завршување на овие фази, врз основа на мислење на комисија за увид во исполнетост на условите за работа, во рамки на МОН, министерот за образование и наука донесува одлука за исполнетост на условите и дозвола за почеток со работа. Одборот за акредитација спроведува постапка за акредитирање на студиските програми, до чие завршување факултетот не може да запишува студенти. Оваа постапка е во тек. За овој Факултет за здравствени науки со тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори, по доставениот извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно.“





