Постои голема веројатност договорот со Бугарија да биде потпишан на први наместо на втори август, дознава expres.mk од извори во Софија.
Причината е да се избегне патување на бугарскиот премиер Бојко Борисов во Подгорица на средбата на групата А5 (Јадранска повелба) со американскиот потпретседател Мајк Пенс само поради договорот.
Во Јадранската повелба членуваат Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата. Јадранската повелба е формирана под покровителство на САД во 2003 година и има цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО.
Борисов не е дел од агендата на оваа средба и не сакал да патува во Црна Гора само за да го потпише договорот со македонскиот колега без да оствари и други дипломатски контакти. Доколку во меѓувреме Борисов успее да добие било каква средба со потпретседателот на САД или билатерална средба со црногорскиот премиер и тој ќе дојде во Подгорица и ќе го потпише договорот таму.
Во спротивно алтернативата е потписот на договорот да биде ставен вечерта на 1-ви август во Скопје.
Во Скопје викендов од Софија веќе е пристигната предходница која што ги договара техничките детали за потпишувањето на договорот за добрососедство и пријателство. Текстот на договорот е веќе договорен изјавија бугарските власти и за него нема да се преговара иако премиерот Заев рече дека во текстот ќе бидат вметнати и конструктивните сугестии од опозицијата.
Договорот ќе биде тема на бугарската влада наредната недела но за него нема да се расправа туку само ќе биде прифатен по што за текстот ќе се изјасни и парламентот во Софија.





