Во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници се поставуваат валидатори и на задната врата, тоа е добра вест, ама лошата е што за жал тие не работат. Кога патниците ќе влезат во градскиот автобус, за да не се прави метеж – одма одат да го поништат својот билет на задната врата, но бадијала, по се изгледа дека тој е за украс.
Скопјани велат дека кога ќе го прашаат возачот зошто не работат, а се веќе поставени, ниту тие не знаат зошто е тоа така.

Фото: Експрес.мк (не смее да се преземаат фотографиите без да се наведе изворот).
Валидатори досега се поставени на добар дел од автобусите. Поставувањето на валидаторите е откако имаше бурни реакции за хаосот во јавниот градкси превоз. Скопјани, кои го користат постојано јавниот градски превоз, се зачудени поради тоа што валидаторите на задните врати на автобусите не работат.
- Не знам зошто, но кога се качив во автобусот со број 27, валидаторот кај задната врата на автобусот беше покриен со црна кеса, па морав да одам на предната врата, каде што апаратот работеше – објасни жителка на Скопје.
Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) појаснија дека е во тек надградба на Системот за автоматска локација на возила и електронска наплата во автобусите на ЈСП и приватните превозници, согласно договорот со конзорциумот, софтверската компанија „Аитоникс“ – Македонија.

Фото: Експрес.мк (не смее да се преземаат фотографиите без да се наведе изворот).
Инаку, ЈСП „Скопје“ во мај годинава склучи договор од 2,3 милиони евра за надградба на системот за автоматска локација на автобусите и за евиденција на патници во реално време. Договорот е склучен со друштвото за производство, трговија и услуги „Аитоникс“ од Скопје и е во траење од две години.





