Грчката влада сеуште молчи за статусот на разговорите што медијаторот Метју Нимиц требаше да ги има во средата во Атина.
Од грчкото министерство за надворешни работи нема никаква најава или објаснување по одложувањето на средбите на шефот на дипломатијата Коѕиас со Нимиц а молчи и владата каде што премиерот Ципрас според најавите требаше да разговара со медијаторот за спорот за името.
Според официјалната информација од Атина средбите со Нимиц се откажани поради учеството на грчката делегација на преговорите за иднината за Кипар на кои што премиерот Ципрас воопшто не учествува. (Читај повеќе овде).
Неофицијално Грција ги откажала средбите по средбата на Нимиц со претседателот Иванов на кој тој истакнал дека Македонија нема да разговара надвор од рамката дадена од ОН според која може да се разговара само за името а не за именувањето на нацијата и народот.
Македонскиот преговарач во спорот за името,(сега таа функција ја има амбасадорот во Вашингтон Васко Наумовски), е именуван со указ од претседателот на РМ.
За тоа каде е Нимиц, молчи и македонската влада а информации нема ниту од кабинетот на генералниот секретар на Обединиетите Нации чиј што специјален претставниц во спорот за името е американскиот дипломат во пензија.
Според неофицијалните информации Нимиц заминал на приватна посета во Солун од каде што откако не добил зелено светло за средби во Атина веќе е на пат кон Њујорк каде што и покрај неговите 78 години сеуште е директор – советник во една од најбогатите американски компании „Џенерал Атлантик“.

Додека чекаше да биде обновена поканата за средби во Атина медијаторот во Скопје се сретнал со претставници на Обединетите нации односно со шефицата на канцеларијата на УНДП за Македонија Луиза Винтон која што е формален претставник и координатор на светската организација за земјава.






