Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, денеска поднесе неотповиклива оставка до Управниот одбор (УО) на Академијата. По стопирањето на тестовите за 130 места за последната, најголема генерација на Академијата, според Габер-Дамјановска остварено преку политичко влијание и со помош на контроверзна одлука на Управниот суд, смета дека повеќе нешто не ја врзува за функцијата директорка, пренесува САКАМДАКАЖАМ.МК
„Ќе нема тестирања, а јас ќе седам така? Сигурно дека нема“, одговорила таа за САКАМДАКАЖАМ.МК по информацијата од УО дека попладнево поднела неотповиклива оставка.
Габер-Дамјановска, која на 9 декември 2022 беше реизбрана на функцијата со мандат од 4 години, во обраќањето до членовите на Одборот, образложува зошто се повлекува.
„Последното искуство по однос на крајно нестручната и манлива по многу основи постапка пред ДКСК и понатамошното постапување на Управниот и Вишиот управен суд, вклучително и реакцијата против несоборливите факти околу ненавременоста на иницијативите на ДКСК кон правосудните тела, на дело покажа дека не се манифестира правото и правдата, туку заткулисното политичко влијание. Бројни лица од правосудството неофицијално говорат дека одлуката на Управниот суд не е исправна, но гласот тешко се крева, што за мене е поразително, бидејќи судската власт мора сама да се избори за својата независна позиција во домашниот правен поредок. Јасно е дека таа нема да ѝ биде подарена“, вели професорката која беше и уставна судијка.
„Жалам што судството преку овој предмет пропушти да се избори за својата вистинска независност, која за него е од животно значење“, обвини таа дека Управниот суд не донел своја и независна одлука по која запре процесот на тестирањето на последната, најголема генерација на кандидати за слушатели за судии и за обвинители.
Извор: https://sdk.mk/index.php/makedonija/direktorkata-na-akademijata-za-sudii-natasha-gaber-damjanovska-podnese-neotpovikliva-ostavka/






