Поранешниот министер за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор, Никола Димитров, во анализа на изборите во Македонија за БиЕПАГ (Советодавна група за политики на Балканот во Европа) му сугерира на победникот и стожер на идната македонска влада ВМРО-ДПМНЕ да се однесува кон потпишаното во Нивици како владејачката партија во Грција, Нова демократија.



„Изгледите за системски промени и фундаментални реформи тесно зависат од способноста на граѓаните да останат ангажирани по денот на изборите, како и од кредибилитетот на политиката за проширување на ЕУ. Останува да се види дали Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе успее успешно да се движи во процесот тешко оптоварен со билатерални спорови, во најмала рака. Прво, и покрај изборната реторика и нејзините критики за Договорот од Преспа со Грција, ќе биде мудро Владата да усвои став сличен на оној на нивниот грчки партнер од ЕПП, Нова демократија, во Атина: Не ни се допаѓа, можеше подобро, но pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат – н.з.). Второ, мора да се најде решение заедно со Бугарија, за да се деблокира влезот на Северна Македонија во ЕУ, како и целосно да се сврти актуелната динамика губи-изгуби во македонско-бугарските односи. Анкетите ја посочуваат Бугарија како најголема согледана закана, а на второ место е Русија. Со толку силен политички легитимитет на идната влада, само притисокот да се надмине пречката на уставните амандмани со кои се условува втората меѓувладина конференција со ЕУ нема да заврши работа.

ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да покаже дека го подобриле билансот на сегашниот пакет и го направиле европското пристапно патување попредвидливо. Со добра волја и меѓусебно почитување, што доликува на две соседни европски демократии, ова можеби не е невозможна задача. Сепак, многу е полесно и, за жал, поверојатно е да се создаде уште поголем хаос отколку да се реши постоечкиот“, пишува Димитров во написот насловен „Анатомија на еден пад“.