„Сакам мојот народ да биде со исправена глава кога ќе се реши нешто и ќе си ги стиснеме рацете“, изјави во интервју за бугарската телевизија Нова министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, во врска со разговорите со Грција за разликите за името.
„Процесот на барање решение за името не е лесен, бидејќи прашањето постои долго време. Многу полесно е да се уриваат мостови, отколку да се градат. Многу сме оптоварени со историјата. Ние сме многу горди народи, сите на Балканот. Важно е да му покажеме на останатиот дел од Европа дека и тука, на Балканот, можеме да се однесуваме европски. Битката е меѓу силите на иднината и силите на минатото. Подобро е да соработуваме и да се натпреваруваме за нештата што имаат значење денес, отколку да се натпреваруваме кој имал пославни победи и порази во нашата богата историја“, рече тој.
Според шефот на македонската дипломатија, Македонија досега се чувствувала слаба и колку посилно било тоа чувство, толку поназад во времето се барале корените за национализмот.
„Во моментов национализмот е слаб во Македонија и се обидуваме да го замениме со нешто што го нарекуваме визионерски патриотизам – каде сакаме да сме по 10-15 години“, изјави Димитров, кој ѝ се заблагодари на Бугарија што се заложила за евроинтеграцијата на Македонија во тешка ситуација за Европа, предизвикана од „Брегзит“ и од имигрантската криза.
Македонскиот министер за надворешни работи уште нагласи дека не се грижи за својата политичка кариера, нафаќајќи се како дел од сегашната владеачка гарнитура да му стави крај на речиси тридеценискиот спор со Грција, бидејќи „политиката инаку не би имала смисла“.
„Мојата професионална судбина е испреплетена со ова прашање. Јас бев преговарач од 2003 до 2008 година, сега исто така многу директно одговорен, не само јас, се разбира, и целата Влада. Имам чувство на голема одговорност што го надминува значењето на мојата кариера. Сум кажал јавно дека ќе застанам зад решение што мислам дека е достоинствено, без разлика на мојата политичка кариера. Исто така, нема да можам да прифатам решение што мислам дека не е достоинствено. Прашањето по својата природа е толку крупно што е поголемо од политиката, од политичката гарнитура и од тој тип на калкулации. Мислам дека само така политиката има смисла. Ако има чувство дека се има важна мисија, тогаш политиката навистина има смисла. Ако целта е да се држи фотелјата, тогаш не сум сигурен колку има смисла оваа професија“, објасни Димитров.





