Грција и Македонија се позрели за да прифатат решение за уставното име на соседната држава, истакнал министерот за надворешни работи на Скопје, Никола Димитров, на состанокот на Атлантскиот совет во Вашингтон за американската политика на Западен Балкан, пренесува дел од грчките медиуми.
На „воркшопот“ насловен “Бура што доаѓа: Обликување и балканската иднина во ера на несигурност”, Димитров бил еден од говорниците околу решавање на хроничните предизвици во регионот.
За разликите со Грција околу прашањето за името, новата влада ја смета Грција за најважен сојузник на ПЈРМ во регионот и пристапи со „добра волја“ кон преговори што ќе ја земат предвид „загриженостите на двете страни” за да се постигне решение „без победници и губитници“, рекол Димитров.
„Прашањето за именувањето треба да престане да биде пречка за пристапувањето на М кон евроатлантските институции“ цитира грчкиот портал Real.gr (без да го спомне името Македонија) делови од обраќањето на министерот Димитров според кој „двете земји мора да се фокусираат на взаемната корист да станат сојузници во регионот.
Луѓето од двете земји сега се позрели за да прифатат решение, а САД би можеле да придонесат со поттикнување на преговорите на двете земји и потврдување на взаемните придобивки од решавањето на спорот за името, рекол Димитров.
Запрашан за „црвените линии“ на неговата влада во преговорите со Грција, тој рече дека „елементите на преговорите мора да останат надвор од центарот на вниманието за успех“, пренесува Real.gr.
Димитров рекол дека повеќе сака да се фокусира на „зелено светло“ а не на „црвени линии“ меѓу двете земји.






