Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, лично му укажал на новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, за „пропустот“, како што го нарече, неговото давање свечена заклетва прво на албански јазик.
„Господинот Гаши, на кого лично вчера му кажав свое мислење, верувам дека тој пропуст, свесен или несвесен самиот знае, треба во иднина да го исправи. Ако продолжи со таа пракса, дополнително ќе фрустрира граѓани на оваа држава, пред сè Македонците, и мислам дека ќе даде еден многу лош наратив на работењето на новото парламентарно мнозинство. Африм Гаши верувам дека ќе излезе од предизборниот вокабулар и самиот ќе мора да сфати дека мора да тргнеме напред. Во спротивно, ќе следува интерпелација!“, предупреди градоначалникот на Куманово и претседателски кандидат на неодамнешните избори во „Само интервју“ на Канал 5.






