Димитриевски блескаше, Рајо Валјекано вторпат сезонава непоразен од Реал Мадрид

Откако му одолеаја на големиот Реал Мадрид есеноска, кога одиграа без голови на „Сантјаго Бернабеу“, Столе Димитриевски и Рајо Валјекано останаа непоразени и на свој терен, играјќи 1:1 против лидерот во 25. коло од шпанската фудбалска Ла Лига.



Голманот на репрезентацијата на Македонија запиша три одбрани, сите од удари во рамките на својот гол – во 59. минута од стрелецот Хоселу од непосредна близина, во 79. минута бравурозно ја исфрли во корнер топката од слободниот удар изведен од Крос и во четвртата минута од судиското продолжение го скроти шутот на Карвахал.

Хоселу ги доведе „кралевите“ во водство само три минути по почетокот на натпреварот, конечниот резултат го постави Раул де Томас од пенал во 27. минута, а Карвахал во судиското надополнување на времето беше исклучен поради втор жолт картон.

Со ремито против најтрофејниот шпански клуб, Димитриевски и Рајо ја прекинаа серијата од три порази во лигата и сега се на 14. место со 25, а Реал се зацврсти на врвот со 62.