Ненад Димитриевиќ одигра симултанка и беше убедливо најдобриот играч во Клаипеда, но тоа не ѝ беше доволно на кошаркарската репрезентација на Македонија да избегне убедлив пораз и во реваншот со Литванија, овојпат со 94:72 во квалификациите за Европското првенство, иако на полувреме водеше со 36:33!



Бекот на Емпорио Армани од Милано за помалку од 30 минути во игра (точно 29:23) постигна повеќе од половина од поените на „црвено-жолтите“, вкупно 43, за перформанс 40!

Најдобриот македонски кошаркар имаше реализација 9/15 за два поена, 7/15 за тројка и 4/4 од слободни фрлања, на кои додаде 6 асистенции, 4 скока и 3 украдени топки, но немаше поддршка од соиграчите, од кои ниту еден не запиша двоцифррен број кошеви.

Згора на тоа, избраниците на селекторот Александар Јончевски ја загубија последната четвртина со дури 30:10, иако во неа влегоа со достижна негатива од 62:64.

Среќна околност за македонските кошаркари е неочекуваниот домашен пораз на директниот конкурент Естонија од 88:86 против Полска, што им остава надеж во последните две кола да стигнат до второто место во групата што води на ЕП.

За тоа ќе им треба победа од пет поени разлика кај Естонците и потоа каква било над Полјаците дома, но и пораз на Естонија лај Литванија во тоа последно коло.