Дилер фатен со 992 грама марихуана осуден на 1 година затвор, но целата казна си ја одлежал – дома

Може човек да биде дилер на дрога, може да се случи да биде фатен, може да биде и обвинет и осуден, а пак да не одлежи ниту еден ден во затвор.



Каде го има тоа?

Па во Македонија, нормално. Во Основното јавно обвинителство Скопје и во Основниот кривичен суд Скопје.

Плусинфо ги објавува деталите за еден таков скандалозен случај, кој покажува како скопски обвинители и судии здружено работат да им го олеснат животот на криминалците.

На 31 август 2023 година, ден четврток, против Д.Ц. од Скопје, била поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по чл. 215 ст.1 од Кривичниот законик. Станува збор за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За ова кривично дело е запретена затворска казна од 3 до 10 години.

При претрес кај пријавениот била пронајдена наркотична дрога марихуана, со нето маса од 992 грамови.

Истиот ден, значи на 31 август 2023 година, од страна на Јавниот обвинител, на Записник КО бр. 2708/23, обвинетиот бил сослушан.

Јавен обвинител кој постапува по предметот КО бр. 2708/23 е Спасенка Андоновска, од Основното јавно обвинителство Скопје.

Јавниот обвинител, истиот ден, четврток (што значи дека не било во време на викенд или државен празник), со знаење на јавниот обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, до Основниот кривичен суд Скопје поднесува предлог за определување на мерката куќен притвор.

Зошто куќен, а не ефективен притвор? Ќе видиме после. Постапувањето во овој случај е внимателно испланирано, во интерес на обвинетиот.

Кривичниот суд Скопје, по поднесениот предлогот од ОЈО Скопје, истот ден, значи на 31 август 2023 година, носи Решение II КПП бр. 678/23, за определување куќен притвор.

Јавниот обвинител Спасенка Андоновска на 14 септември 2023 година поднесува Известување за завршување на истрагата до бранителот на обвинетиот.

На 25 септември 2023 година, од страна на ОЈО Скопје, од јавниот обвинител Спасенка Андоновска, до Основниот кривичен суд Скопје, е поднесен обвинителен акт КО бр. 2708/23, со предлог за продолжување на мерката куќен притвор спрема обвинетиот Д.Ц.