Децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината ќе може да посетуваат градинка, но под услов да се ревакцинираат за шест месеци. Растојанието помеѓу третата и четвртата доза се намалува на шест месеци, по препорака на лекарите и поради епидемијата во Скопје.
Комисијата за заштита од заразни болести ги ублажи мерките, откако контролите покажаа дека речиси половина од децата во скопските градинки се невакцинирани или нецелосно вакцинирани.
– Имаме разбирање и научна поткрепа дека овој малку олабавен начин и проценка на имунитетот со трите дози помага, но не знам до кога ќе остане, затоа што сега имаме над 170 заразени во Скопје и над 200 во држвава и веројатно тој број понатаму ќе расте, можно е во следниве недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки, се зависи од развојот на ситуацијата. – вели проф. д-р Александар Петличковски претседател на Комисија за заштита од заразни болести
Сепак, и покрај олеснувањето на мерката, лекарите потенцираат дека детето нема да има целосен имунитет само со трите дози од вакцината и нагласуваат дека родителите треба да го следат календарот на имунизација и според него да ги вакцинираат децата.





