Јован Деспотовски, актуелен директор на ТИРЗ и член на раководството на СДСМ од медиумите вчера дознал за оставката на Димитар Ковачевски од лидерската позиција во СДСМ и смета дека е задоцнет чекор, но сепак во вистинска насока.
„Како член на СДСМ вчера добив информација дека партискиот претседател има поднесено оставка, што е задоцнет чекор, но чекор во вистинска насока. Мораше да се случи многу порано. Очекувам овој чекор да го следат и сите останати членови на раководството на партијата за да може веднаш да се премине во делот на отворена дискусија за тоа кои се причините за овој резултат, катастрофален дебакл. Факт е дека бројот на гласови е на историски минимум за жал. Мора да гледаме како понатаму“, рече Деспотовски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Деспотовски по оставката на Зоран Заев од лидерската позиција во СДСМ беше кандидат за претседател на партијата, а по вчерашната оставка на Ковачевски можно е повторно да влезе во трката за претседател на оваа партија – анализира Слободен печат.





