Деспотовски: Гол популизам е барањето на СДСМ за нови избори

 

СДСМ во моментов не може да се надева на поразличен резултат од катастрофалниот пораз кој го доживеа на изборите во мај, а барањето за предвремени парламентарни избори наликува на гол популизам.



Поранешниот директор на ТИРЗ и кандидат за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски,  се сомнева дека актуелните раководни структури имаат моќ да ја консолидираат партијата.

„Во моментов, за жал, не можам да видам дека имаме некаков тип на иницијатива, дека имаме некаква новина или дека имаме нешто што ново би понудиле на избирачите. Не мислам дека раководството на СДСМ, актуелното раководство има оправдана причина да бара избори или да се надеваме за некаков подобар резултат на тие избори, освен купување време“, изјави Деспотовски.

Деспотовски вели дека ситуацијата била слична и во 2006 година кога СДСМ ја загуби власта, но тогаш партијата многу побрзо се консолидирала.

Освен Венко Филипче којшто беше избран за претседател, СДСМ во моментов сѐ уште нема раководство. Новите структури треба да се изберат на 24 ноември на конгрес.