Средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска планирана е денеска во 15,30 часот, а по бројните реакции на скопските општини и ЗЕЛС, како и на министерот за локална самоуорава Златко Перински дека градот има акутен проблем со хигиената и складирањето на сметот.
Премиерот Мицкоски пред неколку дена изјави дека е подготвен за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.
Нагласи дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори.
Претходно, на иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во просториите на Општина Кисела Вода се одржа координатива средба со скопските градоначалници, кога едногласно донесоа одлука да се предложи до Владата и Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
Министерот Перински изјави дека ги разбира барањата на скопските градоначалници и се согласува со нивниот став.
„Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив“, кажа министерот за локална самоуправа, Перински.






