Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, предвидува Законот за употреба на албанскиот јазик што денес беше усвоен во Собранието, во отсуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори.
Исто така, се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.
Законот, усвоен со 69 гласа „за“ денес, стапува на сила веднаш по објавувањето во Службен весник. Од тогаш па натаму сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик, пишува „Фокус“, а истото ќе важи и за одлуките на владата.
Во институциите службен јазик станува и албанскиот покрај македонскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт.
Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.
Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.
На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите.
Измени треба да претрпат и книжните и кованите пари, како и поштенските марки: Тие ќе содржат симболи од културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо но и на оние кои користат јазик и писмо што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.
На граничните премини и на аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази ќе се пишуваат и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто граѓани.




