Движењето ЗНАМ ги објави носителите во шесте изборни единици

Политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија денеска ги објави носителите на листите во сите шест изборни единици за претстојните Парламентарни избори.



Како што рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов, за носители се кандидирани луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во кои што работат, чесни, луѓе со карактер и вистински вредности, но и луѓе кои веќе имаат политичко искуство, со чист образ.

Носител на листата во Изборна единица (ИЕ) 6 е Небојша Захариевски, претседател на ОО Движење ЗНАМ-За наша Македонија-Тетово. Тој е магистер на правни науки.

Носител во Петтата изборна единица е Весна Бендевска, дипломиран психолог, поранешна пратеничка во Собранието и потпретседателка на ЗНАМ.

Носител во четворката е Миле Цеков. Тој е дипломиран економист на Меѓународна трговија, претседател на Стопанската комора на југоисточна Македонија и претседател на ОО на Движењето ЗНАМ За наша Македонија-Струмица.

Носител на листата во ИЕ 3 е Павле Арсоски, генерал-мајор во пензија и потпретседател на Движење ЗНАМ-За наша Македонија. Тој е доктор на историски науки.

Носител во двојката е Даниел Стојчевски, директор на ЈП Чистота и зеленило Куманово и претседател за ОО на Движењето ЗНАМ За наша Македонија-Куманово. Тој е магистер по кривично процесно право.

Носител во ИЕ 1 е доц. д-р Бобан Карапејовски, професор на катедрата за македонски јазик при Филолошки факултет Блаже Конески во Скопје и член на ИО на Движење ЗНАМ-За наша Македонија.

В недела, на 24 март 2024 година, во 13 часот, во спортско-рекреативниот центар Кале во Скопје, Движењето ЗНАМ За наша Македонија ќе одржи Конвенција, на која ќе ги претстави носителите на листите.