Твитерџијата „ЈЈ“ повлече паралела меѓу договорите од Блед и од Сан Стефано, прашувајќи дали Македонија треба да го слави првиот како што Бугарија прави со вториот.



Бледскиот договор меѓу тогашните ФНР Југославија и НР Бугарија е потпишан на 1 август 1947 година од бугарскиот лидер Георги Димитров и југословенскиот претседател Јосип Броз-Тито, отворајќи го патот за идно обединување меѓу двете државите во нова т.н. Балканска Федеративна Република. Договорот предвидувал и обединување на Вардарска со Пиринска Македонија, а со него Бугарија првпат ги признала Македонците и македонскиот јазик. НР Бугарија се обврзала за да ги осигура правата на Македонците во Пиринска Македонија и нивниот слободен национален, економски и културен развој. Југословенската влада се откажала од 25 милиони долари воени репарации од Бугарија, од кои значителен дел за разрушувањето и човечките жртви од бугарското „администрирање“ со Македонија како награда од сојузништвото со нацистичка Германија во Втората светска војна.

Санстефанскиот мировен договор помеѓу Руското и Отоманското Царство е склучен на крајот од руско-турската војна на 3 март 1878 година во Сан Стефано (Јешилќој), село западно од Истанбул. Со договорот се воспоставила Санстефанска Бугарија како независна држава, во чиј состав требало да влезе и речиси цела Македонија, според членот 6. Денот на потпишувањето на овој договор во денешна Бугарија се слави како „национален ден на ослободувањето“.

По расколот меѓу Тито и Сталин во јуни 1948 година, кога Бугарија, подредена на интересите на Советскиот сојуз, зазела став против Југославија, владата во Софија на 1 октомври 1949 година го раскинала Бледскиот договор за пријателство, соработка и заемна помош (освен одлуката за простување на воената оштета).

Санстефанскиот договор, пак, поради незадоволството на големите сили и фактот што руската армија не ги ослободила Македонија и Родопите, бил ревидиран преку Берлинскиот конгрес (13 јуни – 13 јули 1878 година), на кој територијата на Бугарија била намалена три пати во однос на санстефанската и се простирала само северно од Стара Планина. Македонија и Одринска Тракија биле вратени во владение на Отоманското Царство.