СПЛИТ – „Пољуд“. Петнаесетти август 2024 година. Над 27 илјади луѓе на сплитската убавица. Еј, станува збор само за второ квалификациско коло за Конференциската лига, најслабото клупско натпреварување на УЕФА, а не за (полу)финале на Лигата на шампионите!



Час и половина пред реваншот со словачки Ружомберок фестивалска атмосфера. На разгласот се нижат сите (не)можни навивачки песни за Хајдук, нумери на љубов кон Далмација и Хрватска. „Торцида“ од северната трибина дава ритам, кој инстантно се прифаќа и се засилува од остатокот од стадионот на кој неодоливо наликува скопската Национална арена.

Не сте Хрват, уште помалку Далматинец, но заразната атмосфера за миг ве обзема. И ве потсетува на чувството на неизмерна гордост пред и за време на дуелот на Македонија со Украина на една друга Национална арена. Во Букурешт. Во јуни 2021 година. На македонското деби на европските фудбалски првенства. Кога срцето ви биело за црвено-жолтата боја. Кога најблиску во животот сте биле една целина со својот народ и со својата татковина. Кога на сет глас сте ја пееле македонската химна небаре сте на победничкиот пиедестал на Олимпијада. Кога секоја секунда во тие 90-тина минути сте дишеле заедно со јунаците на нацијата на зелениот терен, бескрајно среќни за привилегијата што сте дел од историјата.

Деветта минута – автогол на Шарлија. Шок, но краткотраен. Веднаш потоа уште посилна поддршка до крајот на мечот. Хајдук не игра блескаво, но лавовски се бори, упати 23 удари кон голот наспроти само два (!) на противникот. Два пати за влакно не се прослави Трајковски, кого хрватските колеги го именуваат како Александар Македонски. Не сака, па не сака топката во голот на гостите.

Завршува средбата. Сплитските „били“ елиминирани, а повеќето навивачи уште долго не си заминуваат! Огромна е тагата за уште еден кус излет во Европа, но, покрај по некој свиреж кон домашните играчи, нема пцости, навреди. Мислите веднаш се вртат кон хрватската лига со надеж за конечен крај на 19-годишниот шампионски пост.

Фудбалот по кој знае кој пат покажува зошто е проклето убава најважна споредна работа на светот. Оти не победува секогаш подобриот, макар играл „викторија“ пред противничкиот гол. Но, и оти поразите се составен дел од спортот и, по малку парадоксално, само ја зацврстуваат љубовта кон тој за кој се навива.

„Мајсторите од морето“ се синоним за Далмација, регионот од соништата, кон која симпатиите на многумина Македонци се негуваа уште од летните одмори „на наше море“ во поранешната заедничка држава, преку ТВ-серијата „Вело мисто“, во која токму почетоците и растот на Хајдук се во центарот на дејствието, па сè до масовното заминување на сезонска печалба токму на хрватското приморје во последните неколку години. Од година в година се раѓаат нови контакти меѓу мештаните и дојденците од Македонија, се проникнуваат двете култури и двата менталитета, се пренесуваат искуствата од едното поднебје во другото.

Има нешто во тој далматински „дишпет“ (инает, тврдоглавост, непопустливост) што, заедно со пејсажите како од рајот, привлекува како магнет. И, токму низ примерот на Хајдук, нуди и поуки за истрајност, вечен оптимизам и нескршливост на духот. По толку дебакли против ривали од типот на Гзира од Малта, Дила Гори од Грузија или Тобол од Казахстан и неуспех да се влезе во групите од еврокуповите од 2010 година наваму, одново и одново да се држи главата горе, да се верува во себе, да се полни „Пољуд“ и да се има над 121 илјада (!) регистрирани членови не може, а да не импресионира. И да не инспирира народ и клуб (на народот) со слични болни падови, но и копнеж за слава не толку далеку од Сплит…