Дали ќе се преименуваат улици во Тетово без согласност на Македонците? За Сојузот на борци неприфатливи се имињата на фашисти и балисти

„Од 297 улици во Тетово, само 81 имаат имиња, додека другите 216 или воопшто немаат називи, или се означени со број. Општина Тетово во јануари минатата година формираше комисија, која ги евидентираше улиците и сега е во фаза на отворање јавна дискусија за нивните имиња. Следната недела Општина Тетово ќе распише јавен оглас и граѓаните ќе можат да ги достават своите предлози за имињата на улиците, а предлозите потоа ќе треба да поминат во Советот и на владина седница.“објави ТВ 21. Инаку, информативниот портал „Сакам да кажам“ во врска со оваа тема на 29 август минатата година имаше објавено: Советот на Општина Тетово донесе предлог-одлука за формирање работна група за преименување на улици во Општина Тетово и за именување на улици на кои името сега им е определено со број. Ова предизвика голема вознемиреност кај граѓаните со македонска националност, бидејќи стравуваат дека со новото преименување улиците ќе добијат имиња и на Албанци, кои се поврзани со фашистите во периодот 1941-1945, како и на оние кои, учествувале во конфликтот во 2001. На ваквиот предлог на Општина Тетово реагираа и од Сојузот на борците од НОБ и граѓани поддржувачи. „Имајќи ги предвид минатото однесување на локалната власт и чувствителноста на материјата, навремено, гласно и јасно предупредуваме дека за Сојузот на борците на НОАВМ, како и за граѓаните на Тетово, воопшто не е прифатливо менување ниедно име на улица, која носи име на партизан, или деец на антифашистичката коалиција. Целосно е неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи светската историографија јасно ја утврдила нивната улога во минатото.“, се вели во соопштението испратено од Сојузот на борците кон крајот на август 2024 година. Но, наспроти ова предупредување од Сојузот на Борци, градоначалникот на Тетово Билал Касами на 26.8.2024 година во изјава за ТВ 21 потврди дека името на народниот херој Страшо Пинџур е веќе избришано од една улица и оти е ставено ново име! Не е објавено кое е новото име.



Натаму, ТВ 21 во својата информација изнесува: Претседател на комисијата за преименување на улиците е советникот Арѓенд Велиу од Беса. Тој вели дека целта е улиците на Тетово да добијат име. „Општина Тетово формираше комисија или работна група чија основна задача е именување и преименување на улици во градот Тетово, плоштади, паркови и некои инфраструктурни објекти. Оваа постапка започна минатата година.“ – изјави Велиу.

Улиците во Тетово ќе добијат нови имиња, а дел од предлозите се Скендербег, Исмаил Ќемали, Браќа Фрашери. Оваа иницијатива ја има поддршката и од советниците на ДУИ. „Најпрвин разговаравме за поделба на оваа постапка во неколку фази, за првично да се именуваат улиците, кои имаат само бројки и сите имавме консензус. Како советници на ДУИ инсистиравме да се сменат и улиците, кои имаат стари имиња. Врз основа на последниот состанок имаме договор дека и ова треба да биде вклучено. Даваме поддршка и активно учествуваме во овој процес и нема да имаме проблем да стигнеме таму каде што треба да се биде.“ – изјави Ветон Мурати од ДУИ.

Советникот на Алтернатива Фатон Селами спомна неколку предложени имиња за улиците. „Предлозите за имињата ги поделивме во неколку групи и ќе наведам неколку. Дејци кои се предложени се Мурат Исаку, Фадил Сулејмани, , хоџа Мамут Аслани, Реџеп Вока. Имаме и други личности од албанската национална историја, како што се Скендербег, Исмаил Ќемали, браќата Фрашери.“ – изјави Фатон Селами.

Во својата спомената информација од ланскиот август „Сакам да кажам“ уште нагласи: „За најновото преименување на улиците иницијатива дало Здружението на академици Албанци (која сега веќе фигурира како „Албанска академија на науки“, кое ја доставило до Општина Тетово во 2022 година. Но, дали ќе има ново преименување на улиците во Тетово зависи од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, бидејќи оваа одлука треба да се донесе со Бадентерово мнозинство.“

Но, како што имаше објавено ТВ 21 на 8 април 2023 година, сепак, градоначалникот на Тетово Билал Касами ја даде следната изјава: „Бадинтеров принцип во одлучувањето за преименувањата на улиците нема да биде потребен. Верувам дека ниту ВМРО ДПМНЕ, ниту која било друга македонска партија, не би сакала да биде надвор од овој процес, бидејќи тоа значи дека именувањето на улиците ќе се врши без нивно присуство и оние кои ќе бидат во комисијата ќе одлучуваат за имињата на улиците, што ќе одговара на нивните барања. Мислам дека ВМРО не би се согласила сите улици во Тетово да бидат именувани по албански личности и секако дека ќе сакаат одредени улици да бидат именувани по македонски личности, а за да се случи ова треба да биде ВМРО или друга македонска партија да биде дел од ова.“