Надлежните институции водат предистрага за мобилниот оператор Лајкамобајл во врска со кражбите на пари од дебитните картички со кои корисниците на овој виртуелен оператор ги плаќале месечните пакети, дознава Плусинфо. Лајкамобајл Македонија има околу 60.000 корисници на нивните услуги од мобилната телефонија. Деновиве повторно хакери им ги празнат картичките на граѓаните, откако во јуни, исто така, корисниците на Лајкамобајл беа оштетени.

Одговорните на Лајкамобајл Македонија се повикани на разговори за да се разјасни како дошло до тоа илјадници македонски граѓани во последниве месеци да бидат ограбени, некои за значителни, други за пониски суми пари, во зависност од тоа кој колку средства имал на картичката во моментот на кражбата.
Истрагата треба одговори дали Лајкамобајл е жртва на хакерски напад при кој се украдени податоците на корисниците, со кои потоа напаѓачите вршат онлајн плаќања насекаде низ светот, или пак е во прашање инсајдерска работа и потекнува од самата македонска компанија, односно, дали проблемот е глобален или локален.
Од МВР потврдуваат дека заедно со ОЈО превземаат мерки.

„Во врска со вашето прашање околу злоупотреба на платежни картички на граѓани користени за онлајн плаќања при купување пакети за телефонски услуги од телекомуникациски оператор Лајкамобајл Македонија ве известуваме дека Министерството за внатрешни работи (Секторот за компјутерски криминал при БЈБ, МВР) е запознаено, односно презема мерки и активности во координација со ОЈО Скопје за расчистување на случајот“ велат од МВР за Плусинфо.
Роварат со месеци
Скопјанка, која вчера по втор пат имала непријатно искуство, раскажува:
– Пред три месеци, во јуни, банката го намали мојот лимит за интернет-плаќања на 0 денари, како што ме информираа, за да ме заштитат од кражба на пари од мојата картичка која сум ја користела за плаќање на услугите на Лајкамобајл. Сопругот има картичка во друга банка, која не му го ограничи лимитот на 0 денари, па хакерите му повлекоа 3.500 денари. Од мојата банка тогаш ме информираа дека податоците на Лајкамобајл се пробиени и на сите граѓани кои кога било ги користеле своите картички за плаќање кон овој мобилен оператор им е ограничен лимитот на 0 денари. Добив совет да извадам нова дебитна картичка и повеќе да не го користам Лајкамобајл. Тогаш во јуни јас извадив и втора нова картика, наменета само за интернет-плаќање кон Лајкамобајл, на која внесувам помала сума пари. Синоќа таа сума ми е украдена со различни плаќања насекаде низ светот. Имало обиди да ми повлечат и повеќе пари, но за среќа, на таа картичка имав само 2.000 денари. Една од трансакциите што се обиделе да ја направат е во износ од 406 евра, имаше обид за трансакција и со египетска валута, па во турски лири, американски и канадски долари, британски фунти итн. Дел од трансакциите биле наменети за плаќање кон социјалните мрежи Тикток и Телеграм.
На македонските форуми повеќе месеци се води дискусија за овој проблем.
– Системот на Лајкамобиле е пробиен од хакери при што ги имаат податоците од сите картички од кои е уплаќан кредит, без разлика од која банка се, па на тој начин во секое време можат да купуваат од сајтови каде сајтот не испраќа ОТП код на мобилниот број чија картичка е регистрирана во банка, па така корисникот ќе биде олеснет за одредена сума на сметката. Тоа значи дека штом од твојата картичка си платил кредит за телефонот, да не бидеш изненаден ако не дај боже од твојата сметка е уплаќано кон некој сајт од страна на непознат хакер, се разбира, доколку имаш пари на сметката – напишал корисник на еден популарен македонски форум во август 2024 година. Повеќе на Плусинфо.





