Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, остро ја критикува политиката на самоодрекување и самонегирање што се одвива во Македонија последниве години.
„Самонегирањето е најстрашното нешто што ни се случува денес по векови борба за да си го зачуваме својот идентитет од надворешни влијанија. Самоодрекувањето е тажно и пострашно од негирањето однадвор. Страшно е кога ќе се оволчи оној што треба да ги штити паствата од волците“, се сублимираните пораки од поглаварот на МПЦ-ОА на форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ на Универзитетот „Скопје“.
Според него, „македонскиот библиски, јазичен, културен и историски идентитет“ може да се зачува само со одржување на христијанскиот идентитет.
„Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чијашто улога е да ги заштитува паствата од волците. И тажно беше кога однадвор други нè негираа, застапувајќи ги своите интереси, но неспоредливо потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои. Главните идеолози на таквите обиди, вистинските сахиби на коишто нашите им слугуваат, веројатно мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти, па само повлечи една и целата ќе се урне. Но, мислам дека се прелажале. Нашиот народ не е само обична кула од карти, туку е вистински пиреј“, рече г.г. Стефан.






