По повод 1155-годишнината од блаженото упокојување на Сесловенскиот просветител свети Кирил Солунски, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан отпатува за Рим, каде што утре ќе отслужи Молебен на неговиот гроб во базиликата „Свети Климент“ („San Clemente“).
Македонско-црковна делегација секоја година има средба со папата во Ватикан, но во рамки на државната делегација за чествувањето на Свети Кирил.
Меѓу владиците кои биле на тие средби бил и Архиепископот Стефан, последен пат во 2019 година, но овој пат станува збор за прва официјална посета.
Изворите на порталот Религија.мк посочуваат дека овој чин на Ватикан е оддавање почит и чест за МПЦ-ОА.
Г. г. Стефан, како што соопшти неговиот кабинет, на патувањето е придружуван од митрополитот Европски г. Пимен, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски, професорот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ и поранешен македонски амбасадор во Ватикан, проф. Ѓоко Ѓорѓевски, како и од свештенослужители од Скопската епархија. На Молебенот ќе сослужува и митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
Во текот на посетата, г. г. Стефан денеска официјално ќе биде примен од Неговата Светост, Папата Франциск. На средбата, како што е наведено во соопштението, ќе присуствува и македонската амбасадорка во Ватикан, Марија Ефремова.





