Елефтериос Синадинос, европратеник на грчката ултрадесничарска партија Златна Зора, од седиштето на Европски парламент во Стразбур се обрати со предупредување дека употребата на поимот Македонија од „Скопје“ е причина за војна!



Во видео порака снимена на маргините на пленарната седница на Европарламентот некогашниот генерал порача дека „секој што ќе гласа за име за ‘Скопје’ што го вклучува терминот Македонија е предавник и непожелен во совеста на сите Грци“.

Тој истакна дека терминот Македонија е право на Грција и за него не се преговара, објаснувајќи дека „тој ја идентификува историјата, географската област и идентитетот за два и пол милиони Грци, една четвртина од населението во Грција. Не се продава, доделува, изнајмува или употребува и, пред сè, не е прашање за преговори. Секоја незамислива употреба на поимот Македонија од ‘Скопје’ е кражба и причина за војна“.

„Нека си ја викаат државата Скопје, бидејќи е доволно ако терминот Македонија или негов дериват не се користи. Кој ќе гласа за тоа во името на Скопје да се додаде терминот Македонија, дури и за македонската алва, е предавник и несакан во свеста на сите Грци“, рече некогашниот командант на специјалните сили на грчката армија, повикувајќи на масовно учество на најавениот протест на 21 јануари во Солун.