Грчки другари на Ципрас ја осудија грчката влада среде Скопје

Грчката влада и грчките политички партии да го прифатат правото на самоидентификување на македонскиот народ и да не ја блокираат Македонија, бараат грчки левичарски активисти кои учествуваа на Македонско-грчка левичарска трибина на тема: „Грција и Македонија, товарот на името“.



Дел од грчките левичарски активисти го обвинуваат Ципрас дека ги делел нивните идеи се додека не станал премиер кога ги прифатил националистичките ставови кои се доминантни во грчката висока политика.

Грчките левичари сметаат дека Македонија не треба да влезе во НАТО не поради името туку заради идеолошки причини.

Трибината беше во организација на политичката партија Левица, а гости говорници освен претставници на партијата беа претставници на неколку левичарски партии и организации од Грција.

Трибината отвори прашања за односите на обичните луѓе во Грција и Македонија, и како тие гледаат едни на други во контекст на товарот на спорот со името, со фокус на тоа дека токму социјалните проблеми се она што е заедничко за луѓето од двете страни на границата.

„Веќе длабоко сме навлезени во третата деценија од таканаречениот „спор околу името ’Македонија’“ помеѓу двете соседни држави. Особено последните месеци се забележува раздвижување на процесот на разговори водени под покровителство на ОН, но зачестуваат и директните средби помеѓу владините претставници од двете земји. Како што стана веќе очигледно, таквото раздвижување се должи пред се’ на планот Република Македонија оваа година да стане триесетта членка на милитаристичката организација НАТО, нешто што ние како левичарска партија го одбиваме и против кое активно се бориме“, пишуваше во поканата од политичката партија Левица.

Левица е единствената политичка партија во Македонија која јасно го изјаснува својот анти – НАТО став.