Најновото истражување на јавното мислење во Грција покажува дека Владата има слаба поддршка кај граѓаните уште пред кулминацијата на разговорите за разликите за името на Македонија во следните два месеца.
Ако сега има избори, СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас во моментов би ја заокружиле 21,3 проценти од определените гласачи, а за коалицискиот партнер Независни Грци на Панос Каменос само 2,2 отсто, што и заедно е далеку помалку од 30,7 отсто на опозициската Нова демократија, покажуваат резултатите од анкетата на МРБ, спроведена од 1 до 8 декември на 2.000 анкетирани „в лице“.
Силен замав зема новоформираната централнолевичарска партија Движење за промени, која во моментов е трета политичка сила кај јужниот сосед со поддршка од 10,1 проценти. Четврта е ултрадесничарската Златна зора со 6,8 отсто, а по неа Комунистичка партија на Грција со 6,5 отсто.
Од политичарите најголема поддршка ужива лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, кој за 31,7 проценти од испитаниците е најпогоден за премиер во моментов, наспроти актуелниот Ципрас, за кој се 22,1 отсто.
Единствената светла точка за грчката власт во ова истражување е тоа што мнозинството граѓани би сакале избори на крајот од четиригодишниот мандат на оваа Влада формирана во септември 2015 година.






