Поранешната пратеничка Солза Грчева остро го искритикува донесувањето на Законот за употреба на јазиците, оценувајќи го како прв чекор кон промената на името и на идентитетот, со кој Македонците ќе станат Палестинци во сопствената држава.
„Ова е директно уривање на идентитетот на Република Македонија. Ние стануваме Палестинци во нашата држава. И во минатото видовме стихијно донесување по скратени постапки на разни важни закони, но досега вакво нешто – насилие, безобразлук – не сме виделе. Со европско знаменце да го означите овој закон е директно кршење на Уставот, кршење на правата на македонскиот народ и негово тотално понижување на отворена сцена“, изјави за телевизија Сител експратеничката на Социјалдемократски сојуз на Македонија.
„Ова го гледам како една стапка, еден процес, дел од проект, пред решавање на проблемот со името. Но, јас сакам да останам оптимист и верувам дека секоја наредна власт што ќе дојде, бидејќи овие веќе ги гледам за политички мртви, тие сега владеат, но се политички мртви, исто и другиве што си пишуваат Статут, овие работи ќе мора, ќе биде тешко, но ќе мора да бидат вратени назад во рамките на Уставот. И уште една перверзија што се случи, бидејќи се очекуваше дека овој закон ќе биде обжален пред Уставен суд, тие го избираат токму Осман Кадриу, творец на Законот за јазици, да биде уставен судија. Сите тие работи ќе мора да се расчистат“, дополни политичарката што е во процес на формирање нова партија.






