Грубо мешање на Османи во внатрешните работи на РМ и опасен повик „Албанците од Балканот да се спротиват на кршењето на правата на Албанците во РСМ“!

Албанците се конститутивен народ во С.Македонија и суштински чинител за стабилноста и интеграцијата на оваа држава. Сите Албанци во С.Македонија, како и сиот албански чинител во регион, мора со решителност да ѝ се спротивстават на секоја тенденција за кршење на Охридскиот договор во однос на веќе стекнатите и потврдени права на Албанците во РСМ.“ – ова е објавено, покрај другото, на официјалната интернет-страница на претседателката на Косово Вјоса Османи по средбата, која ја имаше таа со лидерот на ДУИ Али Ахмети на 29 април 2025 година во Приштина. Овие ставови на претседателката на Косово Вјоса Османи претставуваат грубо и безобѕирно мешање во внатрешните работи на суверена Република Македонија, но и опасен и недозволив повик од нејзина страна до „сите Албанци во С.Македонија и сиот албански чинител во Балканот со решителност да ѝ се спротивстават на секоја тенденција за кршење на Охридскиот договор во однос на веќе стекнатите и потврдени права на Албанците во РСМ“. Крајно проблематичната изјава на косовската претседателка Османи е дотолку посериозна, кога ќе се има предвид и објавата на Али Ахмети, по оваа средба, дека „опасни идеи во јавноста ја доведуваат во прашање унитарноста на С.Македонија како држава“, бидејќи, според него, била и „сериозно влошена политичката и институционалната состојба во С.Македонија“!



На официјалната интернет-страница на претседателката на Косово Вјоса Османи е наведено: „Претседателката на Република Косово Вјоса Османи на 29 април 2025 година го прими на средба претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, придружуван од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и секретарката за родова рамноправност Арта Билали-Зендели. За време на средбата беа разгледани актуелните политички случувања во Косово и регионот, со посебен акцент на важноста да се зајакне соработката меѓу косовските институции и политичките претставници на Албанците во С. Македонија. Претседателката Османи нагласи дека Албанците во С.Македонија се суштински фактор за стабилноста и интеграцијата на оваа држава.“

„Како што претходно изјави, претседателката Османи повтори дека Албанците се конститутивен народ во С.Македонија и решавачка сила, која ја насочуваше земјата кон евроатлантската интеграција. Затоа, сите Албанци во С.Македонија, како и сиот албански чинител во регион, мора со решителност да ѝ се спротивстават на секоја тенденција за кршење на Охридскиот договор во однос на веќе стекнатите и потврдени права на Албанците во РСМ. Во овој контекст, претседателката Вјоса Османи ја потврди посветеноста на Косово за продлабочување на соработката со сите сили што работат во служба на мирот, стабилноста и евроатлантската перспектива на целиот регион.“ – стои во соопштението на интернет страницата на претседтеклката на Косово Вјоса Османи.

Од друга страна, ТВ 21 извести:  „Претседателот на ДУИ Али Ахмети зборуваше по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи, што се одржа во канцелариите на косовското претседателство во Приштина. Меѓу другото, Ахмети објави дека на оваа средба изразил загриженост, за она што го нарекува ‘сериозно влошување на политичката ситуација во Македонија’.“

‘Во овој контекст, ја истакнав мојата длабока загриженост, поради сериозното влошување на политичката и институционалната состојба во С.Македонија, каде што Албанците се цел на хибридна политичко-олигархистичка оска со етничка супремацистичка основа и со етничко претставување, врз кое се врши политички инженеринг. Албанците денес се соочуваат со опасна офанзива, насочена кон уривање на столбовите на Охридскиот мировен договор.’ – пишува Ахмети.“

„Тој зборуваше и за европскиот пат на С.Македонија и оцени дека тој е ‘запоставен’. „Исто така, нагласив дека европското досие е запоставено, отстапувајќи од патот на интеграција и заеднички вредности. За прв пат опасните идеи, што го доведуваат во прашање мултиетничкиот и унитарниот карактер на државата, како што е предвидено во Охридскиот договор, наоѓаат место во јавниот политички говор. Овие случувања бараат будност, единство и координирана акција, за да ги заштитиме нашите историски достигнувања и да ја гарантираме европската иднина на нашите граѓани.’ – изнесе Али Ахмети.“ – пренесе ТВ 21.