Груби на тапет, конфликт во ДУИ за бојкот на претседателските избори

Високи функционери на ДУИ се спротивставуваат на операцијата промовирана од Артан Груби партијата да го бојкотира вториот круг на претседателските избори за да нема цензус, тврдат партиски извори кои не можат да проценат која ќе биде крајната позиција на Ахмети кој ќе треба да пресече за одлуката.



На средба на членови на раководството на партијата висок функционер на ДУИ кој важи за дел од ,,военото крило” на партијата а кој има огромен авторитет во партиските структури рекол дека идејата на Груби е погубна и ќе ја изолира ДУИ од сите политички процеси во иднина.

Функционерот кој го обвинил Груби за погрешната стратегија која ДУИ и со победа ја носи во опозиција тврдел дека по евентуален бојкот странските партнери на ДУИ ќе ја сметаат партијата за фактор на нестабилност а не на стабилност како досега.

Дополнително тие што сметаат дека бојкотот не е добра опција презентирале математика според која ДУИ со своите 120 илјади гласа за Бујар Османи не може да го спречи цензусот за Сиљановска.

Главниот аргумент на противниците на бојкотот е дека ако ДУИ бојкотира а се обезбеди цензус за вториот круг на претседателските избори за Сиљановска како што е сега извесно сценарио, Мала Речица подолго време ќе биде надвор од секоја опција за влез во влада.

ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема да коалицира со партија која го бојкотира нивниот избор на шеф на државата сметаат членови на фракцијата во ДУИ која е против бојкот на претседателските избори.

Ова крило бара Груби веднаш по изборите да се повлече од сите партиски функции затоа што ,,уште од соработката со Сашо Мијалков прави погрешни стратешки чекори и го манипулира лидерот Ахмети”.

Од крилото на Груби потврдуваат дека кај дел од неговите вматрепартиски противници има дилема дали е корисно да се оди на бојкот но велат дека одлуката која ќе ја каже Ахмети, каква и да биде, ќе биде почитувана од сите членови на партијата.

Официјално ДУИ засега не излегува со јавен повик за бојкот на изборите.