Екс вицепремиерот Артан Груби кој од македонската правда се крие во Приштина имал контакт со луѓе кои се дел од опкружувањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Дипломатски извори во Приштина кои откриваат што се случува со Груби а одблиску ги набљудуваат состојбите во врска со овој случај тврдат дека екс вицепремиерот бил во контакт со луѓе од опкружувањето на Ахмети но дека директно не комуницира со претседателот на партијата или некој од највисокото раководство на ДУИ.
Нема потврда дека Груби имал контакт со Ахмети или некој од неговиот тим за време на посетата на лидери на ДУИ на Приштина пред три дена.
Разочаран од сопартијците
Извори во ДУИ велат дека Груби бил разочаран од дел од своите сопартијци кои му го свртиле грбот иако на голем дел од нив им помагал за вработувања и други лични бенефиции.
Не очекувал дека ќе се најде на Црната листа на САД затоа што како што тврдел тој бил најдобар партнер на Америка во Македонија а имал одлични односи со американските дипломати во Скопје.
Луѓето со кои комуницирал Груби пренесле дека според неговите зборови тој е убеден дека ќе се докаже неговата невиност затоа што не го кршел законот.
Имал комуникација со луѓе од правосудството
Признава дека имал комуникација со правосудни фактори за многу случаи но само како начин за подобрување на состојбата во правосудството.
Негирал дека вршел притисок врз судијата Енвер Беџети кој заедно со него се најде на Црната листа поради криење на обвинението против Сашо Мијалков.
Засега не се враќа во Скопје
Засега Груби не размислувал да се врати во Скопје затоа што не верувал дека ќе добие правично судење.
Главен предуслов за враќање дома се меѓународни гаранции дека во Скопје ќе му се суди според законот.
Груби немал намера да се враќа во Македонија во услови кога против него се водела медиумска хајка во која немал шанси да ја докаже невиноста.
Молк за Црната листа
Немал одговори на прашањата зошто се нашол на Црната листа на САД за која немал никаква забелешка и слепо и верувал кога на неа беа ставани други политичари од Македонија.






