„Укинувањето на инструментот за етничка еднаквост, наречен ‘балансeр’, кој е во согласност со принципот на правична и соодветна застапеност, што произлезе од Охридскиот договор и Уставот од 2001 година, е само почеток на уривање на рамноправноста.“ – напиша на својот фејсбук-профил поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Неговата објава ја пренесува ТВ Клан Македонија на својот интернет-портал. Артан Груби како голем „приврзаник“ на принципот на правична застапеност веќе се докажа дека токму тој беше најголемиот уривач на правичната застапеност: во „неговото“ Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а сега Министерство за односи меѓу заедниците, со кое раководеше до пред изборите, повеќе од 90 проценти од вработените беа Албанци, поточно од вкупно 294 лица само петмина беа Македонци, ниеден Турчин, ниеден Ром, ниеден Србин, ниеден… А токму таму требаше да се градат и да се одразуваат односи на правична застапеност кон етничките заедници!
Во својата објава на фејсбук Груби уште тврди: „По оваа одлука, на ред е бадинтерот, клучниот инструмент на Охридскиот договор кој спречува мајоризација, надгласување, маргинализација и правна неправда во Собранието. На балансерот му претходеше симнување на државното знаме од канцелариите, отстранување на албанскиот јазик од државните институции, почнувајќи од претседателскиот кабинет, отстранување на Албанците од работните места и раководните позиции, заминување од Европа. Тие конечно ќе го тргнат и законот за албанскиот јазик во овој уставен суд. Наша вина е, според опозицијата, што никогаш не го дозволивме ова и што ги направивме Албанците државотворни, владејачки и горди.“





