Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски го „избра“ Бадник за промовирање секуларност во општината што на 19 декември по 12. пат го прослави заштитникот на градот, Свети Никола, а токму новиот градски татко ќе биде кум на следната градска слава годинава!
Јованоски денеска одбил да ги прими свештениците и околу 200 деца што учествуваа во литијата низ улиците на Прилеп, што го привлече вниманието на јавноста како осамен случај во ситуација кога само во Скопје продефилираа дури 7.320 деца.
„Новата локална власт на општина Прилеп е почитувач на традициите на своите сограѓани. А, семејството на градоначалникот Илија Јованоски не се иззема од богатството на културни и верски традиции што ги негуваат граѓаните. Но, поаѓајќи од уставната секуларност и Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски практицираат хабитус, којшто не се храни со популистички манири. Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира. Згора, верските традиции ги остава на МПЦ како институција и на граѓаните кои што во своите домови, во интимна атмосфера со најблиските ќе го изберат најдобриот начин како ќе ги чествуваат овие христијански празници и како ќе ги практицираат обичаите. Среќни новогодишни и божикни празници на сите граѓани на Македонија“, соопштиле од кабинетот на градоначалникот на Прилеп на барање на порталот АКО.мк.
А пред само 18 дена Јованоски сам се понудил за кум на градската слава откога ниту еден бизнисмен не се пријавил?!
„Денеска е голем ден за Прилеп, денеска е голем ден за граѓаните на Прилеп, денеска е ден на чудотворецот Свети Никола, заштитник на децата, на морепловците и заштитник на граѓаните на Прилеп. Денеска најголемиот дел од граѓаните за своја семејна слава го имаат празникот ‘Свети Никола’. Оваа традиција како Општина Прилеп ќе ја продолжиме да ја славиме и да ја поддржуваме. Сакам во овој момент да им честитам на годинешните домаќини, да им се заблагодарам за нивната успешна организација и воедно да кажам дека оваа година јас како Илија Јованоски и моето семејство се пријавивме да бидеме домаќини на славата за наредната година. Уште еднаш на сите граѓани на Прилеп им го честитам овој голем ден Свети Никола, им ја честитам славата, а на оние кои што се викаат Никола или Николина им го честитам и именденот“, изјави тогаш Јованоски пред сограѓаните и пред владиката преспанско-пелагониски Петар.





