Градежништвото го набилда ланскиот БДП на 2,8%, за годинава останува проекцијата од 3,7% раст. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е задоволна од растот на економијата минатата година, но е воздржана за прогнозите за оваа година. Таа очекува подобри резултати годинава од ланските остварени во последниот квартал од 2024 година кога растот беше 3,2%.

Главни фактори за растот на БДП минатата година, се растот од 13,2% во градежништвото и порастот од 10,6% во стручни, научни и технички дејности. Таа потсети дека странските директни инвестиции лани достигнаа милијарда и 255 милиони евра, што особено влијаат на растот на економијата.
И од Владата денеска се пофалија дека на економијата оди добро. Македонскиот бруто-домашен производ забележа раст од 3,2 проценти во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата година достигна 2,8 отсто, соопшти денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.





