Героски: Ме плукаат затоа што го критикувам Заев

Ете, ме нарекоа „суетно ѓубре“. Само затоа што го критикував Заев, тврдејќи дека не му приличи да гази по црвен тепих среде лозје. И дека не му приличи воопшто да закројува лози. Разбрав и чии се тие зборови со кои сум „почестен“. Знам и како стасала нарачката. Сѐ се знае. – Вака ја започнува својата колумна Бранко Героски, еден од се уште најгласните поддржувачи на политиките на оваа Влада и особено на премиерот Зоран Заев.



Се жали дека колегите на неговите критики кон премиерот му порачувале дека „претерува“ и „тупи“ а поранешните соборци му измислувале лаги дека имал неисполнети амбиции и љубомори на нивните, како што вели, измеќарски места во владата.

„Секој ден се прашувам – до кога вака? И зошто? Што им згрешивме? Не им помогнавме кога беа во опозиција? Не се изложивме себеси? Не им симнавме доволно ѕвезди од небото? Ни се расипа мудомерачот?“ – збунето прашува главниот уредник на Слободен печат и Плусинфо.

Героски вели дека не го разбирал Заев кога вели сега ќе се посвети повеќе на внатрешната политика, само треба да бидат малку трпеливи.

„Добро. Ама не разбирам, што значи тоа да бидеме трпеливи? Треба да си ги затнеме устите? Не верувам, од Заев тоа не би го очекувал. Можеби човекот сака да каже дека треба да бидеме поумерени во критиките. Во ред, да речеме дека навистина така треба да биде. Ама Заев не знае дека секој ден со моите најблиски соработници повеќе думаме што да премолчиме, отколку што да напишеме. Тоа се вика самоцензура. Дури и не се осмелуваме да прашуваме за некои „незгодни“ работи. Да не би да се случи животот одеднаш да запре, нацијата да престане да дише и после ние да бидеме виновни“ – во недоумица се препелка Героски и продолжува;

Еве, на пример, во моментов наголемо се зборува за некаков секс скандал, односно за сексуално злоставување. Таму некаде… каде што никако не смее да го има. Шпекулацијата изобилува со имиња и детали. И сега, што? Професионалното правило налага некому да поставиме прашање – вистина ли е, лага ли е? А ние, ете, не се ни осмелуваме да зуцнеме. Кој ќе се расправа пак по Фејсбуков со ботовите? Се сеќавате ли кога пишувавме за директорот на Агенцијата за туризам што летал со бизнис-класа до Аргентина? Леле, каква врева се крена! Нѐ убија пиарчиите од тролање на Фејсбук. Три ноќи не сум спиел. И еве, сега повторно скандал за истиот човек, документиран по сите правила на квалитетно новинарско истражување (Кристина Озимец): типот спиел во „Хилтон“, менувал хотели, ги празнел службените картички за приватни шопинзи и што ли уште не… Приказна за насловната страница, дефинитивно. И сега, прашувам, кој е виновен? Јас, „старото дртало“? „Алцхајмерот“? „Суетното ѓубре“? До кога вака, другари? Кој е овде трпелив, а кој – нетрпелив?“ прашува Героски.

На крајот тој свечено изјавува дека нема опција да прифати цензура, иако одбива и да помисли дека Заев тоа го бара?!

„Не посветив јас десеттина години од мојот живот и стотици коментари и колумни во борбата против поранешните цензори и бандити, за сега да се пазарам со некои нови цензори. Не бидува таа работа!“ – воинствено завршува Героски.