Битола бил прв град во Кралството Југославија што ја почувствувал Втората светска војна, затоа што бил бомбардиран од италијански авиони уште на 5 ноември 1940 година. Биле фрлени 21 бомба, од кои 19 експлодирале. Во бомбардирањето биле убиени 9 луѓе, 21 биле ранети, а била причинета и голема материјална штета. За време на Втората светска војна, градот најпрво го окупирале Германците, а подоцна Бугарите. За време на НОБ од градот и околината од страна на бугарскиот фашистички окупатор биле затворени 606 лица, интернирани 117, депортирани 4 и 8 одведени во заробеништво. Биле осудени 251 лице, од кои 23 на смрт. На боиштата на Југославија загинале 266 лица. Сто и шест лица од Битола и околината биле носители на Партизанска споменица 1941, а 8 биле прогласени како народни херои.
Евреите во Битола
Битола била населена со Евреи, кои избегале од Шпанија за време на црковната инквизиција на кралицата Изабела Кастилска. Тие Евреи се доселиле во најголем дел на Балканот во градовите од поголемо значење и со развиена трговија, меѓу другите и во Битола. Тука го потпомогнале развојот на градот со добри трговски врски. На 11 март 1943 година, целокупното еврејско население од Битола (3.011 Евреи) било депортирано во логорот Треблинка во Полска од страна на бугарските фашисти.
На 4 ноември 1944 година, по четиригодишна окупација македонските борци го ослободија градот Битола
По капитулацијата на Бугарија, продолжувајќи ја борбата против германските единици што се повлекувале од Грција кон Албанја и Србија, борците на 49. дивизија на НОВ и ПО на Македонија, во чии рамки влегувале борците од Седмата битолска бригада, Битолско-преспанскиот партизански одред, а нешто подоцна и борците на Леринско костурската бригада, уште позасилено ги напаѓале германските колони и им нанесувале тешки загуби во луѓе и техника. Беа ликвидирани непријателските упоришта во непосредна близина на Битола односно кај село Крклино и Могила. Од друга страна кон 20 октомври 1944 г. Леринско-костурската бригада, по наредба на Штабот на 49. дивизија на НОВ и ПОМ, ги затворала патните правци Лерин-Битола и Меџитлија-Битола и во реонот на битолските села Породин, Кравари и Бистрица имала повеќе напади врз германските моторизирани колони кои се повлекувале од Грција.
Утрото на 4 ноември 1944 година, единиците од 49.дивизија на НОВ и ПО на Македонија, победоносно влегле во Битола каде биле со воодушевување пречекани од граѓаните. Во четиригодишната херојска националноослободителна и антифашистичка војна на Македонија граѓаните на Битола и Битолско дадоа значаен придонес, а околу 266 борци ги положија своите животи во нерамноправна борба со бугарските, италијанските и германските фашистички окупатори и нивните домашни слуги.
Преземено од: „Википедија“, статија на историчарот проф.д-р Александар Литовски





