Германија: Ќе му судат на 100-годишен поранешен чувар во нацистички логор

Германските власти вршат притисок на 100-годишниот поранешен чувар на нацистичкиот концентрационен логор да му се суди речиси 80 години по крајот на Втората светска војна, јавува Тајмс оф Израел.



Вишиот регионален суд во Франкфурт вчера соопшти дека ја поништил одлуката на понискиот суд, според која осомничениот е прогласен за неспособен да му се суди.

Осомничениот беше обвинет минатата година за помагање и поттикнување убиства во 3.322 случаи додека работел во концентрациониот логор Заксенхаузен во близина на Берлин, помеѓу јули 1943 и февруари 1945 година.

Меѓутоа, во февруари вештачењето утврдило дека Форманек не е способен да му се суди поради неговата психичка и физичка состојба, а судот во Ханау одлучил да не поведе постапка против него.

Судот во Франкфурт вчера утврди дека одлуката на експертот не се заснова на „доволни факти“.

Германија се бори да ги изведе пред лицето на правдата последните преживеани нацистички воени злосторници по значајната пресуда од 2011 година, која го отвори патот за неколку судења.

Поранешен чувар на нацистичкиот логор, Џон Демјанјук, беше осуден во 2011 година со образложение дека служел како дел од машината за убивање на Хитлер, иако немало докази дека директно убил некого.

Оттогаш, неколку поранешни „работници“ во концентрациони логори се прогласени за виновни за соучесништво во убиствата по истата основа.

Меѓутоа, многу случаи беа отфрлени во последниве години, откако обвинетите умреа или беа неспособни да им се суди.

Десетици илјади умреа во кон-логорите од принудна работа, убиства, медицински експерименти, глад или болест пред логорот да биде ослободен од советските сили.