„Генералот Михајло Апостолски, командант на Главниот Штаб на Народнослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, забележал дека само 5 години после Битката за Скопје одредени бугарски историчари се обиделе да ја извртат историјата и да вметнат наводни ‘бугарски заслуги за ослободување на Скопје’. Генералот Апостолски, како и многу други преживеани борци, потврдуваат дека бугарски војници не само што не учествувале во битките за ослободување за Скопје, туку не биле вклучени во ниту еден од направените воени планови. Тогаш Радио Софија секојдневно ширела дезинформации низ бугарските медиуми како нивните војски играат ослободителна улога во Македонија. Ова со гнев било увидено од страна на генералот Апостолски: тогаш тој издал наредба, со која им се забранило воопшто да влезат во Скопје, а не па да парадираат. На оние, кои се појавиле откако битките завршиле, им било дозволено од генералот Апостолски да се одморат во касарните и да се вратат назад во Бугарија, без никакво право за нивно парадирање на улиците на слободниот град Скопје.“ – пишува во статијата со наслов „Бугарски искривувања на историјата“ на „Википедија“.
Во таа статија натаму се истакнува: Генералот Апостолски го оставил следното свое сведоштво: „Набргу по нивното заминување, кај мене дојде еден командант на полк и ми рече дека сакале да одржат парада во Скопје. Во меѓувреме, влегле и некои единици во индустрискиот дел на градот. Ваквото барање и доаѓањето на некои нивни единици во градот, кај мене предизвикаа голем револт и лутина. Веднаш им реков дека нема да можат да одржат никаква парада во Скопје, зашто парада одржува само оној што се борел за Скопје, а тие со пушка не пукнале за неговото ослободување. Им наредив веднаш да го напуштат градот.“
Како е спречена Бугарската парада во Скопје
Најјасни податоци за овој чин дава Боро Чушкар во неговите мемоари и сеќавања. Исто така и тој го потврдува фактот за манипулацијата на Радио Софија, која на големо ги манипулирала бугарските граѓани дека „генералот Стојчев лично го ослободил Скопје“.
Во своите сеќавања Боро Чушкар сведочел: „Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше генерал-мајор. Отидов и го прашав: ‘Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви ја е*ам мајката фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно бугарско, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!?“
„Се влечете како мршојади по нас и јавувате по радио како ја ‘ослободувате Македонија’!? Каде вие испукавте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви е*ам мајката! Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Веднаш во овој момент ќе им наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шеги ќе нема!’ – Му реков нему, а кога завршив, видов дека сè уште го држам за градите како детска играчка. Тој цело време трепереше. Сепак, на крајот отсечно рече ‘Јасно другар. Но јас не сум виновен. Таква наредба добив’.“
„Тогаш јас повторно викнав: ‘Да им е*ам мајката на оние, што ти дале наредба за ова. Тие можат да дадат наредби за изведување вежби во касарните каде ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот. За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија. Дали сега ти е јасно?’ – го прашав.“
„Сичко ми е јасно.’ – рече тој. Тогаш тој престрашен генерал со сув глас нареди круг на лево и се вратија.“
Со ова јасно им било дадено до знаење на Бугарите дека во градот Скопје ќе парадираат само оние кои се бореле за неговата слобода – македонската армија, македонските партизани. Инаку, Борис Чушкаров – Боро Чушкар (Куманово, 28 јануари 1916 година – Скопје, 19 септември 1982) е првоборец и носител на „Партизанска споменица 1941“, писател, драматург, член на КПЈ (1940), политички комесар на Третата македонска НОУБ, на Четириесет и втората македонска дивизија и на Петнаесеттиот македонски корпус на НОВЈ. По ослободувањето бил на разни функции, полициски генерал-мајор, народен пратеник и др. Автор е на повеќе публицистички и историографски и публицистички дела. Има напишано обемни мемоари.
Борецот Трајко Стаматовски, исто така, потврдува дека ослободувањето на Скопје е дело на македонските борци и партизани. Потегот на генералот Апостолски да не им се дозволи парадирање на бугарската армија, бидејќи не учествувале во битките за слобода на Скопје, според него одиграл важна улога и за денешно време. Изненаден од тоа што Бугарија и денес се обидува да ја извртува историјата за овој настан и да манипулира со неа, Стаматоски смета дека, ако тогаш им се дозволело на Бугарите да парадираат, сега Македонија ќе имала многу поголеми проблеми, објаснувајќи се со бугарската историографија.
.





