Еден од кандидатите за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Гелева, реагира на синоќешниот настап на универзитетскиот професор Тони Дескоски на Телевизија Алфа, порачувајќи дека нема оправдување ни за промена на името, ни за договорот со Бугарија, ни за најавената двојазичност.
„Го слушам професорот Дескоски вечерва на ТВ Алфа. Интересни професорски размисли изнесе. Во врска со Грција и името објаснуваше дека важно било да се направи перцепција кај евроатлантистите (оти всушност само тие имаат проблем со името на Република Македонија – з.м.) дека ние сакаме дистинкција меѓу Република Македонија и регионот Македонија и дека Грција своето барање за промена на нашето име сè уште го базирала на тврдењата за иредентизам од македонска страна, што е оспорено со пресудата од Судот во Хаг. Тоа сè така е професорски умно, ама изгледа професорот Дескоски не успеал да ги прочита 50-тината грчки точки како барања што сè освен името треба да смениме. Затоа, од ‘оро со ѓаолот’ докажано можеш да се спасиш само ако го напуштиш орото.
Плус во врска со неговата геополитичка анализа за ситуацијата во регионот истакна дека Бугарија станала стожер на западната евроатлантска заедница, и тоа посебно енергетски, бидејќи сега гасоводите ќе оделе преку Бугарија, од јазолот во Бугарија, од кој потоа гасот од Азербејџан ќе одел до Европа. Затоа било добро што сме го потпишале договорот со Бугарија, според него. Значи, немало сега гасовод Грција-Македонија-Србија како дел од ‘Турски поток’ и тоа значело дека Бугарија добила енергетска компензација од Америка. Професоре, сте испуштиле еден могу важен факт, а тоа е дека енергетските капацитети и фирми во Азербејџан се под исклучителна контрола на Турција и на Русија. Русија има долгорочни договори со Азербејџан околу гасот, и тоа, просто кажано, нераскинливи. Затоа, професоре, држете си се до пресудите во Хаг, баталете геополитика, оти Бугарија пак ќе превезува руски и турски гас во Европа, без оглед на тоа дали гасоводот низ Бугарија се викал ‘Турски поток’ или не.
За Вашата елаборација за монолитноста на ЕУ ич да не правиме муабет… завршена е таа работа, прашање големо е што од неа ќе остане.
Така што, ни за договор со Бугарија, таков каков што е направен на наша штета, има оправдување, ни за промена на име, без оглед на тоа какви и да се прават умствени еквилибристики, ни за закон за јазици како дел од Тиранска платформа… Вие сте многу умен човек и ценет професор и тоа кога и да е ќе Ви стане јасно“, напиша новинарката и геополитички аналитичар Гелева на својот профил на „Фејсбук“.





