Претседателот на Собранието Африм Гаши ги демантираше, како што вели, тврдењата на ДУИ дека со делегацијата на албанскиот парламент разговарал на македонски јазик – со преведувач.
Гаши изјавата на ДУИ ја нарекува невистинита, бидејќи, како што вели, комуникацијата била одржан на албански и на македонски јазик, а спикерот Елиса Спиропали е примена со високи државни почести.
„Тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на Парламентот на Албанија се целосно невистинити и се намерно искривување на фактите. За прв пат во историјата на Собранието на * Македонија, претседателот на Парламентот на Република Албанија беше примен со највисок државен протокол, што ја одразува посветеноста на претседателот Гаши за унапредување на силни и почитувани односи со Република Албанија.
Средбата беше целосно транспарентна, отворена за јавноста и медиумите, каде што спикерот Гаши го одржа својот говор на албански и на македонски јазик, строго придржувајќи се до законот, Деловникот и Уставот.
Секоја изјава освен оваа претставува неосновано обвинување и навреда не само за спикерот Гаши, туку и за самата институција на Собранието и обид за искривување на вистината. Овие тврдења ги поткопуваат вредностите на вистината и единството“ се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието..
Во оваа прилика, спикерот Гаши апелира опозициските политички партии да ја играат улогата на опозиција со поголема креативност и конструктивност.
„Ангажманот на Гаши останува непоколеблив – да ја поддржи секоја конструктивна идеја и проект – без разлика на политичката определба – што го движи напред напредокот и развојот на нашата земја. Тој особено ги поздравува и охрабрува придонесите на опозициските парламентарни партии кои покажуваат вистинска посветеност за подобрување на животот на нашите граѓани“, се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши






