Гаши за средбите со Ердоган, Куртулмуш и Фидан во Турција: Заедничка определба за јакнење на стратегиското партнерство меѓу двете земји

„Претседателот на Собранието на Македонија Африм Гаши се сретна со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган. Како што е соопштено, Ердоган го нагласил уште еднаш значењето на блиските меѓудржавни и братски односи меѓу двете земји. Гаши рече дека се разговарало за унапредување на соработката меѓу двете земји.“објави ТВ 21. Инаку, првиот парламентарец на Македонија Гаши во Турција остварил средба и со својот домаќин претседателот на Големото Собрание на оваа држава Нуман Куртулмуш, како и со нејзиниот министер за надворешни работи Хакан Фидан.



ТВ 21 ја пренесува објавата на Гаши на фејсбук: „Благодарност до домаќинот при мојата посета на Турција, претседателот на Големото собрание на оваа држава Нуман Куртулмуш. Имав задоволство да се сретнам и со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган. На оваа средба повторно беше нагласена важноста на блиските меѓудржавни и братски односи меѓу нашите две земји, негувани низ годините со народот и државата на Турција. Разговаравме за унапредување на соработката на различни полиња од заеднички интерес, како и за натамошното продлабочување на нашите политички, економски и културни врски. Оваа посета уште еднаш ја потврдува нашата заедничка определба за зајакнување на пријателството и стратегиското партнерство меѓу нашите земји, придонесувајќи за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот“, напиша Гаши.

За време на својата посета на Турција претседателот на македонскиот парламент оствари средба и со Хакан Фидан, министерот за надворешни работи на оваа држава. Исто така, и со шефот на турската дипломатија Гаши разговарал за билатералните односи меѓу двете земји и во оваа пригода била истакната важноста на зајакнувањето на меѓусебните врски во областа на политиката, економијата и културата.

Во врска со оваа посета Гаши на својот фејсбук-профил дополнува: „Ги разгледавме можностите за продлабочување на соработката и подобрување на односите, како и за поттикнување на заеднички проекти, кои ќе придонесат за одржлив развој на нашите две земји. Состанокот со министерот Фидан беше одлична можност за размена на нашите ставови и за зајакнување на пријателството и партнерството меѓу * Македонија и Турција. Се надевам дека овие средби ќе донесат позитивни резултати во иднина.