Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за „Гласот на Америка“ во Вашингтон рече дека уставни измени нема да има додека Македонија не добие некаква форма на гаранции.
„Пораките од САД ги слушаме долго време. Нема промени во односот кон нашите партнери. САД остануваат наш силен стратешки партнер, и новата влада уште повеќе ќе го продлабочи партнерството. Наша обврска и предизвик е да ги спроведеме уставните измени, но кога ќе дојде време, односно кога ќе се гарантира идентитетот, културниот, етничкиот и јазичниот идентитет на прво место на Македонците, но и на сите граѓани на државата“, изјави Гаши.
Претходно и премиерот Христијан Мицкоски при својата посета на САД рече дека во моментов нема гаранции дека Бугарија нема да продолжи со нови барања.– Ние нема да може да бидеме спремни да ги отпочнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во Македонија. Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во судот за човекови права во Стразбур, имаме 14 пресуди кои велат дека правата на Македонската заедница во Бугарија се повредени. И тука се поставува логично прашање, чии права се повредени, рече Мицкоски.





