Насловната фотографија на овој текст е бјавено на 28 октомври 2019 година во Voxeurop а автор е
Том Јансен – Троув (Амстердам).
На знакот на влез во ЕУ пишува: „Само за чисти земји“
Втор царински службеник (Бугарија) на Македонија и Албанија и вели: „…освен ако…“
Шест години подоцна оваа шега на сметка на македонскиот влез во ЕУ се уште е актуелна.
В Брисел сега сâнцето за Македонија не угревјат и „евроинтеграциски мрак“ Македонците ги обвиват, пишува во својата најнова колумна Свето Тоевски користејќи парафраза на историската порака од антологиската песна “Т’га за југ” на великиот Константин Миладинов.
Скандалозните дури 300 амандмани на бугарските и грчките пратеници за “сегашноста” на македонскиот народ и јазик кон “Извештајот за Македонија” на Томас Вајц, за кои ќе се расправа на 24 јуни 2025 година во Европскиот парламент, брутално и до “коска” ги соголуваат сите илузии за “евроинтеграцијата” на македонската држава во ЕУ.
Ако се анализира позадлабочено, дури и добро е што се случува ова бугарско и грчко цунами на жестоки напади кон македонската етничка засебност, идентитет и јазик. За да се согледа императивот дека мора еднаш конечно да се крене заштитниот гард и да почне да се дејствува кон нападите достоинствено, проактивно и промакедонски.
Заради „забрзување“ на македонското „чекорење на европскиот пат“, појасно кажано, за да се издејствуваат уставните промени, се навестува можно, изгласување во Европскиот парламент некаква декларација, во кој ќе се признаела засебноста на македонскиот идентитет и јазик. Ако и воопшто се случи ова. Но, идентитетот и јазикот на еден народ се прашања, за кои нема зошто кој било друг да расправа за тоа, па ниту нека е и Европскиот парламент.
Извештај, или резолуција на Европскиот парламент во врска со Македонија, со кои би биле признати македонскиот јазик и идентитет, во теоријата и праксата на меѓународното право, но и во праксата на Европскиот парламент, имаат третман само на правно необврзувачки документ, „non-legally binding instrument“. Со нив Европскиот парламент може само да изрази својот став околу односната тема на неговата резолуција. Државите можат да отфрлат, да не спроведат одредена негова декларација, или резолуција. Бугарија, која одбива да прифати и да спроведе 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права за Македонците во таа држава, дали би прифатила каква било европска резолуција за признавање на македонскиот јазик и идентитет?
Не може врз основа на правно-необврзувачка резолуција на Европски Парламент да се врши промена на највисок правно-политички акт на држава, во случајов на Македонија, со серија натамошни темелни промени во архитектурата на државата и во идентитетскиот комплекс на еден народ, кои можат да задобијат и карактер на трајни, неповратни промени. Донесе и германскиот Бундестаг, парламент, на 15 јуни 2023 година своја резолуција, со која ги призна македонскиот идентитет и јазик, арно ама, каква корист видоа Македонците од таа германска резолуција? Врвните германски политичари и дипломати продолжуваат со поддршката за уставните промени во Македонија, а со тоа директно ја газат токму таа нивна декларација: од една страна го признаваат македонскиот јазик и идентитет, а од друга страна поддржуваат бугарски барања, со кои се негира македонскиот јазик и идентитет. Германско противвречење сами на себе и на своите државни акти.
Противречност е и повторно меѓународно признавање на нешто што е само по себе веќе светски признато и потврдено – македонскиот јазик, со балкански, европски и други меѓународни лингвистички атласи, со редица меѓународни акти и документи, вклучително и на Обединетите нации. Поодделно, злогласниот Втор протокол кон „Договорот за добрососедството со Бугарија“, кој ја наложува обврската за „вметнување бугарски народ“ во уставот на Македонија, е правно ништовен и спротивен на редица резолуции на Обединетите нации и на Договорот на ЕУ од Мастрихт, како и на Виенската конвенција од 1969 година. Оттука, Македонија нема никаква обврска да менува повторно устав, а соодветните барања на Бугарија и ЕУ се меѓународно-правно нелегални, недозволиви и неприфатливи.
На 7 мај 2025 година Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска, ќе ги предупреди Република Македонија и македонскиот народ, но и сите нејзини граѓани: „Немојте да бидете жртва на изнуда во замена за членство во ЕУ!“ Пред неколку дена Милановиќ ќе биде уште поконкретен: “Ниту една земја повеќе нема да влезе во ЕУ, освен можеби само Црна Гора. Проширувањето на ЕУ е само илузија. Никој повеќе нема да влезе во Европската Унија, можеби уште Црна Гора. Државите се мамат со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ, за да се изнудат од нив некои отстапки.“
Каква “иднина” за Македонија во ЕУ, кога ЕУ самата има се помалку своја иднина?
Во воведот кон „Палгрејв прирачникот за ЕУ – кризите“ Маријане Ридерволд, Јарле Трондал и Акасеми Њусом во 2021 година имаат нагласено: „…популистичките партии и чувствата против ЕУ ги покренаа луѓето ширум континентот… Во Европа можеби забрзуваат турбуленциите и кризите Тоа предизвика ‘институционална потрага по душата’ во мнозинството на држави – членки и внатре во институциите на Европската Унија.”
Дали некој навистина верува дека „северна“ може да влезе кога било во Европската Унија, оти Грција и Бугарија ќе и го дозволат тоа, штом веќе во раце имаат „добрососедски договори“ со „мал милион“ можности за вета и блокади, ако не добијат целосна сопственичка тапија за македонската историја, името Македонија, за идентитетот? Кога и ЕУ е во „институционална потрага по својата душа“, зарем не би требало и Македонија првин повторно да си ја поврати својата „македонска душа“, па потоа да мисли дали ќе продолжи да се стреми да влегува во ваквата Европска Унија, или ќе чека првин таа да се преобрази во „Европа на нациите“, секоја од европските нации со свој суверенитет и национален идентитет и јазик?
Kаква “европска иднина” може да има за Република Македонија во ЕУ, кога самата ЕУ има се помалку своја иднина? Германскиот политиколог д-р Јозеф Јанинг, експерт на влијателниот Германски совет за меѓународни односи, на 4 март 2025 година јавно ќе го постави прашањето „дали Европа ќе пропадне“ и веднаш во одговор на него категорично ќе предупреди дека „за првпат крајот на ЕУ е реално сценарио“.
Каква европска иднина може да има за Република Македонија кога новата германска владејачка коалиција во својата политичка програма и во самиот договор за формирање на новата германска влада јасно и отворено кажа „не“ за натамошно проширување на ЕУ, се додека таа не се рефирмира првин внатрешно и структурно.? Исто така, и партијата Национално собирање на Франција, која е во подем и му „дише во врат“ на Емануел Макрон, е категорично против натамошни прием на нови членки во ЕУ.
Приказната за „ЕУ-иднината“ и за божемното “зачленување” на Македонија во ЕУ нема никакви врски со обезбедувањето вистински европски перспективи за македонската држава: целта на ЕУ е само да ја држи Македонија под контрола, да остане „кротко“ и послушно во „еврочекалницата“, но и подалеку од „клубот на привилегираните“, од полноправното членство. Всушност, Македонија веќе стана во нешто „европска“: се претвори во „европски гробишта на европските идеали и вредности“, бидејќи во нејзиниот случај, во поглед на македонскиот јазик, идентитет, етничка засебност и историја, се згазени и збришани сите европски декларации, закони, па и самиот „Договор од Мастрихт“ – темелниот акт на основањето и функционирањето на ЕУ.
Од една страна, Брисел поддржува „добрососедски договори“ на Македонија и Бугарија и Грција, со кои се уриваат темелните белези на македонскиот народ и држава, а од друга страна си ги чува во архивите своите правливи резолуции и еврозакони, со кои, ете, „високо се ценат и се почитуваат европскиот диверзитет, разноличноста и вредноста на јазиците, културите и народите на Европа“. Токму поради ова невидена дволичност, непринципиелност, би се рекло и противмакедонска политика, Македонија стана „европски гробишта на идеалите и вредностите на ЕУ“.
На Европската унија ѝ се закануваат деиндустријализација, социоекономско урнисување на животниот стандард на европското население ширум континентот, но сепак, наспроти се, европските челници веќе одлучија да фрлат дури 800 милијарди евра за огромна милитаризација, повторно вооружување и подготовка за војна со Русија?! Всушност, покрај тоа што ЕУ одделни европски политичари ја доживуваат како “зандана на европските народи”, таа самоиницијативно се претвора и во “воена касарна”, која се подготвува за можна војна со Русија во следните години!
Новиот правец за Македонија е “алтернативната”, суверенистичка Европа
Сепак, едно од главните прашања е: што да се прави во овој даден момент, штом е повеќе од јасно дека нема европска иднина за Македонија во постојнава евроунија ваква каква што е? Новиот светски геополитички поредок во овој момент започнува да се гради во еден меѓународен спектар, во кој од едната страна се наоѓа мултиполарноста, односно светот потпрен врз неколку глобални и регионални „полови“ – столбови, како што се Соединетите Американски Држави, Русија, Кина, Индија, Турција, но, од друга страна се наоѓа светот заснован и врз ефективен мултилатерализам, повеќестраност на меѓународниот систем, во кој и малите држави со нивните народи (ве)ќе имаат своја специфична тежина и (ве)ќе можат да ги артикулираат своите визии, потреби, интереси и барања.
Во вакуумот, кој веќе се појавува на европскиот континент, поради забрзаното слабеење и распаѓање на неолибералната Европска унија, „скарана“ и отуѓена со европските народи, наместо да дејствува во нивни интерес, Република Македонија ќе може и ќе треба се повеќе да настапува со својата „македонска мултилатерала“: со воспоставување нови и директни односи и со политичките сили на „алтернативната“, суверенистичка Европа, која оди во правец кон формирањето на идната Европска унија на суверените нации. Орбан и Фицо се дел од лидерите на новата политичка Европа, во која ќе може да се очекува почитување на суверенитетот на македонската држава, на идентитетот на македонскиот народ и на македонизмот како темелна идеологија на опстојувањето и просперитетот на македонскиот народ, но и на сите други граѓани на Македонија, без оглед на етничката припадност.
Во оваа смисла, за да го фати чекорот и приклучокот кон трендовите, актерите и политиките на новата суверенистичка Европа, ќе треба да се изврши и соодветно ресетирање на државната македонска надворешна политика, а во овие рамки и на државната евроинтеграциска политика. Ова го наметнуваат се посилно и сегашното ултимативно и наредбодавно однесување на Брисел кон Македонија околу нејзиниот устав, како и најновите случувања во Европскиот парламент во врска со “Извештајот за Македонија”.
Во наредниов период ќе биде потребно и пожелно дури и со еднострани потези Македонија самата да започне да ги ресетира своите односи со Бугарија и Грција, така што веќе отсега ќе почне да поттикнува и да гради вистинско добрососедство со нив и другите држави во Балканот, нека биде тоа и во прв момент со еднострани мерки на културна дипломатија, спорт, економска соработка, соработка меѓу писатели, културни дејци… Ова и како прв чекор, како вовед во постапното укинување, поништување, или како и да се нарече фрлање на двата “добрососедски договора” на ѓубриштето на историјата, но само во момент на оптимална и добро подготвена меѓународна клима и внатрешно-политичка ситуација дома. Па кој ќе прифати од “добрите соседи” – нека прифати, а кој не – здравје… Можеше Бугарија да го раскине “Бледскиот договор” со тогашна Југославија од пред 80 години, а зошто да не смее и да не може и Македонија да ги укине Преспанскиот и Бугарскиот договор, кои се ем и во целосна спротивност со меѓународното право?
Стратегиско партнерство, најдлабока поврзаност со своето минато и иднина, на македонскиот народ со неговите претци и потомци
Пред крајот уште само неколку важни момента. Може да се случи ЕУ да ги внесе во своите редови уште само Албанија и Црна Гора, поради геостратегиски причини и оти имаат излез на море. И тоа ќе биде се од “натамошното проширување” на Унијата во еден многу долг период. Влегувањето на Албанија во ЕУ може да предизвика одредени реакции кај Албанците во Македонија, кога ќе согледаат дека за оваа држава нема влез во ЕУ на едно неодредено време… Затоа ќе мора превентивно да му се придаде особено внимание на овој момент во смисла на градење вистински и заемно уважувачки, развиени односи со Албанија, врз основа на принципите на рамноправност, неутралност и немешање во внатрешните работи. Посебно важно ќе биде колку е можно поголемото релаксирање на внатрешните меѓуетнички односи и политичко-безбедносната стабилност ма македонската држава.
Покрај другите стратегиски партнерства, што ги има Македонија со односните неколку држави, сега на неа ќе и треба најпрвин стратегиско партнерство, најдлабока поврзаност со нејзиното минато и иднина, стратегиско партнерство, најдлабока поврзаност на македонскиот народ си неговите претци и потомци. Народ без корени во минатото нема што да бара во иднината. Македонецот Константин Миладинов со антологиската песна „Т’га за југ“ го воспеваше својот копнеж за сончевата татковина Македонија. За “копнежот” и по Брисел, по сево ова што им се случува на Македонците веќе 20 години, а посебно денес во Европскиот парламент, можат да се цитираат дел од од стиховите од „Т’га за југ“, „европски парафразирани“: В Брисел сега сâнцето за Македонија зајдвит и „евроинтеграциски мрак” Македонците ги обвиват! Тамо, во ЕУ на Лаен и Калас, на Кос и Кошта, зората не греит душата македонска, ниту је Божева хубавина за Македонците. Туку тамо за нив силни ветришта и вијулици вијат, и темна мâгла вистинска европска иднина им покриват! Само во новата реформирана и суверенистичка ЕУ можит нас сâнцето да нѐ стретит и да не угревјат!






