Кардиналите вчера го започнаа изборот на нов водач за 1,4 милијарди католици во светот. Вечерта, од специјално инсталиран оџак се издигna црн чад, видлив од плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, сигнализирајќи дека не е избран нов папа.
Најголемата конклава во историјата на Католичката црква треба да продолжи денес кога ќе можат да се одржат четири круга гласање.
Папата Франциско роден во Аргентина, кој почина во април, беше избран на крајот од вториот ден, по пет круга гласање. Осум години претходно, беа потребни два дена за да биде избран и Германецот Бенедикт XVI
За избор на папа е потребно двотретинско мнозинство, или 89 гласови.
Кога од оџакот ќе се појави бел чад, тоа е сигнал дека е избран нов црковен водач.
Рекордни 133 кардинали од 70 земји учествуваат во тајното гласање, во споредба со 115 од 48 земји на последната конклава одржана во 2013 година.
Нема јасни фаворити за нов папа, иако италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле се сметаат за водечки кандидати.
Паролин беше државен секретар, втора највисока позиција во Ватикан, за време на речиси целиот понтификат на Франциско.
Фаворитот за нов папа од Азија, филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле, е харизматичен умерен човек кој често се нарекува „Франциско од Азија“.
67-годишниот Тагле, кој со Франциско споделува историја на застапување на сиромашните, мигрантите и другите маргинализирани групи, е познат по својот мисионерски дух и пастирски фокус.
Доколку стане јасно дека ниту еден кандидат не може да го освои потребното двотретинско мнозинство, се очекува гласовите да се префрлат на други кандидати, при што гласачите потенцијално ќе ги обединат своите гласови врз основа на географија, доктринарни афинитети или заеднички јазик.





