Пеколната атмосфера од 5.500 македонски навивачи во арената „Јане Сандански“ во Скопје ѝ помогна на одбојкарската репрезентација на Македонија да го освои првиот сет, и тоа со неверојатни 25-15, пред да загуби од Грција со 3:1 во првиот меѓусебен дуел од квалификациите за Европското првенство 2016.
Откако јужниот сосед го доби вториот сет со 25-18, избраниците на селекторот Хари Наков беа блиску до освојување на третиот, и тоа со враќање по 13-18 и водство од 21-20, но завршницата му припадна на противникот (25-23), кој во последниот славеше со 25-20 и со тоа ги однесе трите бода.
Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најдобар поединец на средбата со 25 поени, еден повеќе од Гркот Димитриос Мухлијас, а Александар Љафтов запиша 15. Македонија беше подобра на сервис, запишувајќи 8 аса наспроти 6 на ривалот.
Квалификациите продолжуваат во август в година со реваншите со Грците и со аутсајдерот Грузија, во кои „црвено-жолтите“ влегуваат со реални шанси за нов настап на еврошампионатите, бидејќи покрај победниците на седумте групи на ЕП одат и петте најдобри второпласирани селекции, а Македонија веќе има победа од 3:0 во Тбилиси.






