Вториот човек во бугарското МНР очекува Албанците во Македонија да извршат голем притисок за уставни измени

Заменикот-министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, очекува Албанците во Македонија за шест месеци да извршат голем притисок за промена на Уставот заради впишување и на Бугарите во него.



„Тоа (блокадата/ќорсокакот) ќе има многу големо влијание бидејќи има дел од општеството кое е силно проевропско, вклучително и албанскиот дел и други кои може да почекаат некое време. Има такви политички сигнали од некои албански политички фактори – дека ќе чекаат околу шест месеци и потоа сериозно ќе почнат да го поставуваат прашањето за уставните измени. Зошто во крајна линија важно им е да одат напред на патот кон евроинтеграциите“, рече Кондов пред парламентарната Комисија за прашањата на Бугарите во странство.

„Затоа во моментов, како што рече колегата (од бугарското МНР), можеме да почекаме малку… Но, на крајот – големиот притисок ќе дојде од Северна Македонија и тие ќе треба да направат некаков избор. Како ќе го решат тоа, штом беа толку силни во нивната изборна кампања, како ќе го реши сегашната власт, и на мене ми е загатка“, додаде тој.

Кондов се осврна и на положбата на македонските граѓани што се изјаснуваат како Бугари преку средба со нив во амбасадата во Скопје за време на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

„Многу тажна средба (…) Еден од нив се изрази, можеби малку емотивно, можеби малку претерано… Рече: ‘Ние сме како Евреите во Германија на времето’“, објасни тој, додавајќи дека на средбата некој му се пожалил оти двајца негови пријатели сакале да ги истераат од Армијата на Република Македонија зошто велеле дека се Бугари.