Приватните специјализанти утрово (16 април) продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Тие најавија дека нема да го прекинат штрајкот се додека не ја дочекаат информацијата од Владата во писмена форма дека се прифатени нивните барања за зголемување на надоместокот и за целосно решавање на нивниот статус во здравството.
„Ние го продолжуваме штрајкот сè додека не помине седницата на Влада и министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено, па потоа ќе одлучиме за следните чекори“ велат приватните специјализанти кои втор ден продолжија со штрајкот кој ќе трае се’ додека не добијат информација од Владата во писмена форма дека се прифатени нивните барања за зголемување на надоместокот и за целосно решавање на нивниот статус во здравството..
„Сè уште не се исполнети нашите барања, ветувањето на Илир Демири беше дека тој има разбирање за нашите проблеми, но еден месец не беа предложени на седница на Влада“, истакна Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година.
Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.






