Врховниот судија Георгиев се жали на притворот

Иџет Мемети утре ќе оди во Кривичниот суд да дознае зошто обвинителството бара тој да не ја напушта државата. Поранешниот народен правобранител и актуелен член на Советот на обвинители е осомничен дека заедно со врховен судија зеле пари да овозможат погодности за екс градоначалникот на Ново село обвинет за шверц со цигари и дрога. Заради непречено водење на истрагата, обвинителството бара мерки на претпазливост за Мемети. Предлага одземање на патната исправа и повремено јавување кај надлежен државен орган.



Во меѓувреме, Врховниот судија Георгиев кој од вчера е во затворот во Шутка, бара укинување на притворот. Според неговиот бранител, неоснован е притворот заради страв од повторување на делото, бидејќи судијата веќе бил оддалечен од работното место, ниту работел на кривична материја.

„Дадена е жалба согласно закон и се бара поблага мерка бидејќи не е определен притвор поради опасност од бегство, а за другите точки, судот имал на располагање други мерки на обезбедување на судијата Наќе Георгиев за идниот тек на истражната постапка “, вели адвокатот Александар Тумановски.